Во официјалниот гласник на Европската унија е објавен тендерот за изградба на новиот Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Инвестицијата за градба е 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во висина од 128 милиони евра.
Посочи дека по спроведување на законските процедури, градежните работи ќе стартуваат на почетокот на 2017 година, кои е предвидено да завршат до крајот на 2021 година, односно рокот на изведба е 45 месеци, со гарантен рок од 12 месеци. Притоа, истакна, нема да се дозволи во ниеден момент да се загрози работата на клиниките во кампусот. Според Тодоров, ова е долго очекуван проект кој што претставува круна во низата инвестиции во здравството направени во минатиов период.
– Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, од кои 2.300 лица медицински персонал и 1100 лица административен и технички персонал. Низ комплексот клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно, рече Тодоров.
Укажа дека годишно на клиниките се лекуваат околу 75.000 пациенти, со вкупно 450.000 болнички денови, а со просечна должина на престој од 6,1 ден. На дневна основа се пружаат околу 27.000 здравствени услуги за пациентите. Со проектот, нагласи, се достигнати највисоките нивоа на квалитет на употребени материјали, висока функционалност, безбедност, како и удобност на пациентите и персоналот. Задоволени се и највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, особено со употребата на вентилирачка фасада и најсовремени системи за климатизација и вентилација.
– Во новиот Клинички блок се сместени: Нуклеарна медицина со радиофармацевтската лабораторија, нуклеарна медицинска IN-VIVO дијагностика, фармација со сите потребни одделенија, клиниките за: офтамологија, оториноларингологија заедно со аудиологија и со сите потребни помошни и заеднички простории, радиодијагностка…, рече Тодоров, истакнувајќи ја и Интензивната нега со предвидените 18 легла на едниот кат и 25 на другиот, односно вкупно 43, како посебни боксови за пациенти со централен мониторинг, стандард кој е повеќекратно зголемување на сегашната интензивна нега, која е океански систем.
Посочи дека во новиот објект влегуваат и клиниките за неврохирургија, трауматологија, дерматологија, психијатрија, неврологија, сите сместени до четвртото ниво и додаде дека на четвртото ниво се предвидени непроодни тераси, кровни градини на три локации. Од петтиот кат нагоре содржани се клиниките за: ревматологија, токсикологија, ортопедија, неврологија, пулмологија, нефрологија, оториноларингологија, офталмологија.
– На горниот дел од објектот е предвидена хеликоптерска платформа – посебна конструкција со кружна писта за слетување и полетување – Хелиодром. Тоа значи дека пациентите директно ќе се внесуваат во лифт до соодветната клиника, а нема како досега да се транспортитаат од хеликоптер до клиниката по колички по отворени улици меѓу згради. Новиот Клинички блок е проектиран со вкупно 855 кревети, од кои 720 кревети за болничка нега, 101 кревет за дијагностички функции, интензивна нега и рехабилитација и 34 кревети во дневни болници, рече Тодоров.