Адмир Шабани, советник за едукација во Државната изборна комисија, денеска на прес-конференција рече дека станува збор за активност која ДИК ја прави првпат оваа година и за овие избори со цел на граѓаните кои се на привремена работа или престој во странство да им овозможи полесен начин на пријавување за гласање за да го остварат своето право на глас.
Апликацијата, истакна, е многу едноставна и нуди единствена опција при почетокот на пополнување на пријавата со тоа што во делот на матичниот број се вметнува само матичниот број на граѓанинот и заради заштита на самата апликација има броеви кои ја нудат таа заштита. – Во истиот момент кога се кликнува за да се продолжи со натамошните чекори апликацијата ги генерира останатите податоци кои се ставени во Избирачкиот список, значи податоците на самиот граѓанин – име и презиме, а во делот на реалните податоци ќе се покаже и името на еден од родителите, рече Шабани.
Посочи дека доколку има повеќе од една канцеларија, амбасада или претставништво, во полето за избор на ДКП каде ќе гласа граѓанинот, тој го избира местото каде сака да го оствари своето право на глас.
Во моментот кога граѓанинот ја испраќа пријавата, појасни, таа пристигнува до ДИК и почнува фазата на нејзина обработка. Согласно Изборниот законик, како што рече, ДИК е должна во рок од 24 часа од моментот на приемот на пријавата да даде одговор на граѓанинот кој ја поднел во врска со статусот на пријавата. – Во делот на пријава за гласање граѓанинот ја пишува државата во која се наоѓа. Во наредната графа се пишува амбасадата или конзуларнот претставништво на Република Македонија каде граѓанинот сака да го оствари своето право на глас. Граѓанинот е должен да ја впише е-маил адресата со цел ДИК да воспостави комуникација со него односно да испрати информација која се однесува на неговата пријава. Се пишува и бројот на важечката патна исправа на граѓанинот. Тука граѓанинот на РМ треба да прикачи документ со што ќе го потврди престојот во странство, рече Шабани.