Ракометната репрезентација на Македонија го совлада Исланд со 30-25 во квалификациите за Европското првенство во Хрватска, а новиот селектор Раул Гонзалес дебитираше со победа.
Ракометарите на Македонија освоија многу важни бодови со триумфот над репрезентацијата на Исланд со разлика од пет гола во салата „Борис Трајковски“, а оваа победа може да биде клучна за пласман на Европското првенство во Хрватска.
На натпреварот со победа дебитираше новиот селектор Раул Гонзалес, капитенот Кире Лазаров одигра уште еден одличен натпревар во дресот на националниот тим , а Борко Ристовски покажа колку е важен за македонската селекција.
Исланд имаше подобар старт на натпреварот и вршеше притисок врз нашите ракометари, кои брзо се ослободија и почнаа да играат на потребното ниво. Дојдоа до предност од четири гола, а во неколку наврати и до предност од пет погодоци, а на полувремето резултатот беше 15-13.
И второто полувреме Исланд го почна подобро, направи пресврт на натпреварот и поведе, но тоа кратко траеше. Ракометарите на Македонија ја вратија предноста и го одржуваа водството до крајот на средбата.
Македонија го победи Исланд со 30-25 во натпревар кој беше одигран на високо ниво со неколку мали падови во текот на 60-те минути.
Најзаслужен за победата беше Кире Лазаров со 11 постигнати погодоци, Борко Ристовски имаше 12 одбранети топки, од кои повеќето во многу клучни моменти од средбата. Филип Талески постигна пет гола, а по четири дадоа Стоилов и Миркуловски.
Реванш-натпреварот од четвртото коло во квалификациите за Европското првенство во Исланд се игра на седми мај.