Новата реформска влада ќе се формира наскоро, а новоименуваниот претседател на Собранието го врши својот дел од обврските за да се олесни и да се забрза овој процес, истакнал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на синоќешната средба со специјалниот претставник на претседавачот на ОБСЕ, амбасадорот Кристијан Штрохал, и со амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалаинен.

Ахмети и Штрохал разговарале за политичката ситуација во земјава по настаните во Собранието од 27 април. Во тој контекст, лидерот на ДУИ ѝ се заблагодарил на мисијата на ОБСЕ во Македонија за постојаниот контакт со пратениците во текот на насилствата во Собранието.

Ахмети, како што соопштуваат од ДУИ, на средбата зборувал за приоритетите на новата влада, како реформите во судството, евроатланската интеграција, Охридскиот рамковен договор, добрите меѓуетнички и соседски односи, како и за отварањето нови работни места.

Истовремено, лидерот на партијата изразил загриженост за „можноста за поттикнување немири во земјата за геополитички интереси“ и побарал од меѓународната заедница своето внимание да го фокусира кон случувања во земјава и во регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2017 11:34