Седумдесет минути траеше финалето на лигата на шампионите, и дури после продолженијата беше решено кој ќе биде новиот европски првак. Ѓер успеа по третпат да биде на врвот, а Вардар првпат го освојува сребрениот медал. Унгарките победија со 31-30 (26-26, 15-12)
Во четвртиот обид, отидовме чекор напред. По трите бронзени медали, сега се враќаме со сребро. Она што беше добро е дека секогаш се враќавме во игра, не нѐ поколеба ниту едно водство на противникот. Игравме за секоја топка, па иако продолженијата го решија победникот можеме да бидеме задоволни.
Имавме убава шанса уште регуларниот дел од натпреварот да ги решиме сите дилеми, но во тие 40-тина секунди не стигнавме да реализираме за победнички гол, па остана 26-26 и влеговме во продолженија од 2х5 минути.
А таму, Ѓер веднаш зголеми на 29-26. Првите пет минути завршија во корист на Унгарките кои водеа со 29-28. Неизвесноста ја имаше во секој напад, во секоја топка. Така беше и во вториот дел од продолжението, но клучно беше што при резултат 30-29, и со играч повеќе не реализиравме, односно судиите свиреа пробивање од Лакрабер. Потоа Мерк постигна гол за водство, 31-30, ние вративме, но последните 40-тина секунди ги имаа домаќинките. И добија шанса од судиите истите да ги користат до крај.
Вардарки во текот на првото полувреме правеа доста технички грешки што беше и главната причина за водството на Ѓер. Од друга страна на моменти се толерираше и доста острата игра на противничките играчи, кои не се штедеа да ги сопрат нашите играчи.
Вардар поведе, а Ѓер израмни и го презеде водството. Потоа се играше израмнето сѐ до 16 минута, кога Александра Лакрабер беше исклучена, а тоа Ѓер го искористи за два гола во серија. Но, на секоја наша техничка грешка Унгарките возвраќаа со гол, па постигнаа уште два, а ние имавме лош период од 10 минути без реализиран напад. Иако Ина Суслина токму во тој период имаше и три одбрани, во нападот немавме решение, промашени топки, технички грешки, а Ѓер тоа го искористи да се одлепи на „плус 4".
Во првото полувреме Ѓер имаше 52 отсто реализација на нападот и 71 отсто одбранети топки, за разлика од Вардар каде тој процент беше помал, 40 отсто одбранети топки и 60 отсто во нападот. Имавме и осум загубени топки во овој период.
Врзавме два гола во серија, но во последната минута прво примивме гол, а потоа иако имавме 20-тина секунди за напад не дојдовме во позиција за шут. Од последниот удар од девет метри, ударот на Пенезиќ го сопре блокот, а потоа Гримсбо со последни напори ја исфрли топката надвор.
Во второто полувреме на голот застана Мајса Песоа и тоа донесе резултат. Тешко се доближувавме, но не се откажувавме. На 19-17 Херем имаше шанса, но од лоша позиција со вртена топка не успеа да ја совлада Гримсбо, а во следниот напад ниту Лекиќ немаше среќа. Тоа го искористи Ѓер за ново водство од „плус 3" за 20-17, но Лекиќ возврати за нова неизвесност. Влегувањето на Песоа во вториот дел се покажа како добар потег, па откако ја одбрани петтата топка овозможи Пенезиќ да намали на 20-19 во 47 минута и да донесе нова неизвесност. Лакрабер потоа намалува од пенал на 21-20, но Ѓер брзо враќа на „плус 2". Тоа беше момент клупата на Вардар да побара нов тајм аут, во обид да се договори план како да се одиграат последните 11 минути од средбата.
На 24-23 Нора Мерк шутираше над голот на Вардар, а во следниот напад судиите како едвај да чекаа да покажат исклучување, па потоа Човиќ беше исклучена на две минути. Тоа беа моменти кога блескаше Ања Алтхаус, и таа донесе израмнување.
Вардар не се предаваше. За секоја топка се боревме, и тоа ни донесе шанса да израмниме во последната минута на 26-26, иако бевме со играч помалку. Тамара Мавсар од крило погоди за радост на клупата и трибините. Ѓер имаше 50-тина секунди за напад, но направија пробивање оставајќи ни шанса да го решиме победникот. Но, тие 20 секунди не ги реализиравме, а Лекиќ од девет метри шутираше во блокот од последниот удар.