Вардар од Будимпешта ќе донесе најмалку едно злато, а првиот носител е Андреа Пенезиќ која ја освои наградата за најдобар стрелец.
Откако заврши натпреварот за третото место меѓу Будуќност и ЧСМ Букурешт се знаеше дека нашиот лев бек има недостижна предност.
Пенезиќ одигра одлична сезона и со 94 погодоци пред финалниот натпревар се наоѓа на врвот на листата на најдобри стрелци, скор кој може само да го подобри на дуелот со Ѓер.
Пред стартот на големото финале, втората позиција ѝ припаѓа на Изабел Гулден која со одличната партија во натпреварот за трето место постигна 9 погодоци со што нејзината вкупна бројка на погодоци изнесува 92. Следни на листата се ракометарките на Будуќност Кристина Неагу со 90 и Катарина Булатовиќ со 89 погодоци.