Ракометната репрезентација на Македонија беше поразена со 30-29 на гостувањето кај Исланд во квалификацискиот натпревар за Европското првенство во Хрватска.

Македонската репрезентација имаше одлична шанса за прв пат да остане непоразена во Рејкјавик, но ракометарите на Раул Гонзалес изгубија на натпреварот со разлика од еден гол.

Македонија водеше во најголем дел од првото полувреме, имаше предност од три гола, но на пауза замина со нерешен резултат 13-13. Во второто полувреме поведе Исланд и направи предност од четири погодоци, а на крајот на дуелот нашите репрезентативци за малку можеа да се вратат и да се изборат за реми. Имаа неколку непогодени зицери, изгубени топки, по кои Исланѓаните возвраќаа со погодок.

Најефикасен во составот на Македонија беше Кире Лазаров со осум погодоци, потоа Манасков со седум, а Миркуловски и Стоилов дадоа по пет гола. Одлична партија имаше и Борко Ристовски, кој имаше 16 одбрани.

По четири одиграни кола во четвртата група од квалификациите за Европското првенство во Хрватска, сите четири репрезентации имаат по четири бода. Во наредното коло македонските ракометари гостуваат кај Украина, а во последното ќе ја пречекаат Чешка.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2017 18:23