Најпопуларниот европски музички натпревар годинава се одржува во главниот град на Украина, Киев, благодарение на победата на минатогодишниот победник Џамала, кој триумфираше со песната „1944“. Ова е вторпат Украина да биде домаќин на натпреварот, по 2005 година.
Македонската претставничка Јана Бурческа со песната „Dance Alone“ ќе настапи трета по ред на втората полуфинална вечер. Второто полуфинале е закажно за в четврток, 11 мај, а финалето ќе се одржи в сабота, 13 мај.
Русија требаше да настапува трета во второто полуфинале, но го откажа своето присуство на манифестацијата поради тоа што украинските власти и забранија влез во земјата на руската претставничка, и Русите одбија таа да настапува преку сателитски видео пренос.
На Евросонгот оваа година учествуваат 42 земји. Португалија и Романија се вратија по отсуството во 2016 година. Босна и Херцеговина пак, се повлече од годинешното натпреварување, поради финансиски проблеми.
Во првото полуфинале настапуваат: Шведска, Грузија, Австралија, Албанија, Белгија, Црна Гора, Финска, Азербејџан, Португалија, Грција, Полска, Молдавија, Исланд, Чешка, Кипар, Ерменија, Словенија, и Летонија. Право на глас ќе имаат публиката и членовите на жири комисијата од земјите учеснички, како и директните финалисти од Италија, Велика Британија и Шпанија.
На втората полуфинална вечер право на глас повторно ќе имаат публиката и жири комисијата од земјите учеснички на второто полуфинале, како и директните финалисти од Германија, Укриана и Франција. Меѓу учесниците пак, се вбројуваат: Македонија, Австрија, Србија, Малта, Романија, Холандија, Унгарија, Данска, Ирска, Сан Марино, Хрватска, Норвешка, Швајцарија, Белорусија, Бугарија, Литванија, Естонија и Израел.