Американскиот глумец Дензел Вашингтон зборуваше за американската политика и за тоа како луѓето треба да бидат свесни за тековните манипулативни тактики што ги користат двете главни партии во САД. Во интервју за „Сандеј тајмс“ (The Sunday Times), имено, уредникот Џонатан Дин цитира реченица од „Гладијатор II“ (Gladiator II), каде што глуми и Вашингтон: „Империите паѓаат, па и императорите“. Тој истакна дека фразата, се чини, се однесува и на актуелната политичка слика по изборите.
„Оскаровецот“ смета оти сѐ тоа - „сите неисполнети ветувања“ се политика.
- И сега, со ерата на информации каква што е - лево, десно, што и да е, подобро ги научиле алатките за манипулирање со луѓето. Имаше одлична реплика во првиот филм што го снимив - „Верна копија" (Carbon Copy, 1981, з.п.). Оди вака: „Моќ на луѓето? Да, еднаш ја имаа - се викаше камено доба“, вели Вашингтон.
Тој додаде дека „сите ние сега сме робови на информациите“, како што истакна.
- Сите сме робови. Значи, што и да чувствувате за лидерите, демек - овој човек е луд, а другиот е разумен, подобро е да сфатите дека сте изманипулирани од двете страни. Точка!, нагласи глумецот.
Затоа, неговиот совет гласи: Одете в кино!
Натаму во интервјуто, Вашингтон се потсети на неговата кариера, неуспесите во 1990-тите и успесите во наредното десетлетие.
- Па, во животот учиш, заработуваш и потоа се враќаш - за да возвраќаш. Значи, ако Вашиот живот е долг 90 години, до 30 учите и од 30 до 60 заработувате... Е па, во таа ера, јас заработував. Со одличен агент, мојата кариера се вгради во правење пари и така почна заработката, а потоа почна и животот - со сметки, четири деца и куќа, изјави познатиот глумец.
За „Гладијатор II“, просечната оценка на ИМДБ засега е 7 /10, од вкупно 33.000 гледачи кои го оцениле филмот. На „Ротен томатос“, го препорачуваат 75 отсто од гледачите.