Денеска сум во Јавното обвинителство како оштетена страна, еден од луѓето кои беа директно под напад и насилство на толпа народ од посебно издвоена група којашто имаше намера да направи убиство и тоа беше очигледно со добар план и умисла.

Дадов исказ пред јавниот обвинител, буквално им ги кажав сите детали коишто според мене ги држам во мојата меморија за овие два и пол часа тероризирање коешто се случи во прес салата во Собранието и сите мои согледувања како впечаток од самите причини до завршувањето на самиот настан.

Верувам дека сето тоа ќе помогне во истрагата на државното Јавно обвинителство.

Одговори на новинарски прашања:

Медиуми: Очекувате ли дека обвинителот по однос на вашите повреди и она што го поминавте во Собранието ќе покрене обвинение или постапка за посериозно кривично дело како што вие велите обид за убиство?

Заев: Оставам професионалците да го утврдат тоа, но јас го кажувам мојот впечаток со сите детали како тоа беше организирано, како беше осмислено, како беше оркестрирано, диригирано и како во суштина експликацијата на дејствијата се случуваше. Мавањето со сталактите на вашите камери, мавањето со сите овие железни предмети коишто беа од столиците, од масите, дрвените предмети, фрлањето на гајтаните од самите камери коишто беа таму пристуни во салата со цел да бидеме фатени за врат, за екстремитети веројатно, извлечени или удавени или слично сето тоа го кажуваме со зборови, стручните луѓе и обвинителството се тие коишто треба да му дадат квалификација на делото. Едно знам. Собранието има 5 влеза, главниот влез, влезот кон Домот на Армијата, влезот кон поранешното Министерство за надворешни работи, гаражата и влезот којшто е према зградите. Толпата насрна од сите страни на Собранието и ниту еден од останатите четири влеза не беше отворен иако имаше полицајци коишто беа пробиени од толпата, народот дојде до вратите, но не можеше да ги отвори вратите од проста причина што протоколот на обезбедувањето на собраниските врати преку челичните шипки си ја заврши работата. Таму тие челични шипки не беа тргнати. Беа тргнати единствено челичните шипки или профили од главниот влез или главните влезни врати на Собранието коешто очигледно, веројатно, стопроцентно беа тргнати за жал од мои колеги пратеници и знам дека немаше да се случи ни „н“ од насилство ако моите колеги пратеници не го направеа тоа, односно не ги на добро осмислен начин, преку телефонски разговори, договарајќи го со некого тоа, целосно шестмина, коишто јас имав прилика да ги видам, учествуваа во тргнувањето на челичните профили па дури и нивно буткање со нога, за да масата не се сопне кога ќе влезе, на едната врата, па на другата врата, па покажувајќи многу прецизно кој е најблискиот пат да се стигне до прес салата, тоа е покрај пленумот, овде во холот кадешто одмараат пратениците во кратките паузи, директно до скалите коишто водат до холот на прес салата. Тоа е очигледно умисла и план којшто некој го направил однапред и на крајот спонтано влегување со фантомски маски е далеку од здравиот разум од спонтаноста. Тоа е организирано со план и верувам дека секој треба да си понесе одговорност што учествувал во таквиот настан.

Медиуми: Кога велите шестмина, мислите шестмина пратеници?

Заев: Шестмина пратеници од ВМРО ДПМНЕ учествувале директно во организирањето на отварањето на вратите, двајца ги дигнале металните профили и останатиот дел од шестмина дадоа директни патокази како да се оди до прес салата кадешто беа мнозинството од пратениците од парламентарното мнозинство. Верувам дека тоа во постапката ќе биде утврдено, постојат докази, јас го зборувам ова на основа на докази, јасно видливи и воочливи и не знам едноставно како ќе можат и тие мои колеги пратеници да не видат нас во очи, како и ние ќе ги видиме, Господ нека ни е на помош, знам дека мораме да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните. Палрманентот постои, тој е конституиран и тој треба да делува во правец на очекувањата на граѓаните на Р.Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2017 13:49