Мнозинството граѓани на Македонија се незадоволни од нивните локални власти, покажува најновата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Според податоците од анкетата, 51 отсто од испитаниците изјавиле дека се донекаде или многу незадоволни од работата на нивните градоначалници, додека 47 отсто искажале идентични ставови и за општинските совети.
Четириесет и шест отсто од анкетираните се изјасниле дека, исто така, се незадоволни од локалната администрација.
„Во поголем број се испитаниците, односно 37 отсто, кои сметаат дека нивната општина се движи во погрешна насока, 35 отсто се неутрални, а 23 отсто сметаат дека нивната општина се движи во вистинска насока“, се вели во истражувањето.
Регионалниот директор на ИРИ за Европа, Јан Суротчак, ги повикува политичките партии да најдат начин за решавање на проблемите кои се најважни за гласачите на локално ниво.
– Додека многу внимание е посветено на националните предизвици на Македонија, загриженоста во врска со работењето на локалните власти е јасно видлива во најновата анкета. Во пресрет на локалните избори, што се очекува да се одржат подоцна оваа година, политичките партии мора да најдат начин за решавање на проблемите кои се најважни за локалните гласачи – вели Суротчак.
Анкетата е спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку фирмата за истражувања на пазарот „Брима“, во соработка со „Чериот ЛЛЦ“. Податоците се собрани преку интервјуа лице в лице од 4 до 12 март 2017 година. Вкупно биле спроведени 1.108 интервјуа, а истражувањето има маргина на грешка од плус или минус три проценти на среден опсег, на ниво на доверба од 95 отсто. Стапката на одѕив била 71 процент.