Бизнисменот Сеад Кочан, првоосомничен во случајот „Труст“, нема да оди во притвор и ќе се брани од слобода. Судијата на претходна постапка, како што соопштија денеска од Кривичниот суд во Скопје, го прифатил предлогот на неговиот адвокат, Никола Додевски, и донел одлука на Кочан да му биде одредена парична гаранција од 875.298 евра, да му биде одземен пасошот и да му се наметне обврска да се јавува еднаш неделно во судот.
Судот ваквата одлука ја донел поради влошената здравствена состојба на Кочан, а како неоснован го одбил предлогот на СЈО да му биде одреден притвор на бизнисменот поради опасноста да влијае врз сведоци или, пак, да го повтори делото.
Судијата на претходна постапка, како што соопштуваат од судот, зазел став дека постои основано сомневање дека Кочан го сторил кривичното дело за кое се товари, го зел предвид фактот дека Кочан беше во бегство два месеци, но, како што навел во решението, го прифатил предлогот на обраната за определување гаранција и мерки на претпазливост.
„Во решението, судија на претходна постапка наведе дека од приложените докази и по повторно одлучување, е на мислење дека постои основано сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се товари, а имајќи го предвид неговото поведение од почетокот на оваа постапка до денеска, судијата смета дека постои опасност од бегство, па од тие причини го прифати предлогот на одбраната за определување гаранција и мерки на претпазлиовст“, стои во соопштението.
Специјалното јавно обвинителство, пак, токму од овие причини вчера повторно побара на Кочан да му биде одреден притвор.
Странките во постапката, односно СЈО, има право на жалба на одлуката до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 во рок од 24 часа, во однос на одбивањето на предлогот за притвор, а рок од три дена во однос на определената гаранција и мерки.
Како што информираат од судот, пасошот на Кочан веќе му бил одземен.
Кривичниот суд вчера повторно одлучуваше по барањето на СЈО за притвор на Кочан, откако Врховниот суд пред една недела, постапувајќи по барање за заштита на законитоста од Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичиот совет на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, со кои на Кочан му беше оредена мерка притвор, и го врати предметот на повторно одлучување.