Критиките на македонскиот претседател Ѓорге Иванов се неумесни, порачуваат од германското Министерство за надворешни работи. Иванов вчера ја обвини германската амбасадорка во Македонија Кристине Алтхаузер дека се служи со „лажни вести“, и го критикуваше германското МНР дека „нивото на амбасадорот“ е навреда за неговата земја.

„Се радуваме што претседателот Иванов, по долго размислување, донесе вистинска одлука и се откажа од блокадата“, се наведува во изјавата од германското МНР објавена претпладнево, какоодговор на критиките на Иванов. Тоа е фактички повторување на вчерашната изјава од Берлин во која Иванов се критикуваше дека чекал премногу долго за да ја донесе одлуката за доделување на мандатот, пренесува Дојче Веле.

Дополнително, на Иванов му се порачува дека оценките му се неумесни.

„Обвинувањата против германските дипломати и дипломати на други пријателски држави се неумесни. Познато е дека оценките кои се доставуваат во земјата-домаќин, секогаш се прават во тесна соработка меѓу Министерството за надворешни работи и самата Амбасада“, се наведува во изјавата на германското МНР. Навредливо ниво?!

Останатите ставови на Иванов искажани синоќа во интервју за ТВ Нова, не се коментираат во изјавата. Иванов луто го коментираше соопштението од германското МНР и тврдеше дека тоа е резултат на дезинформирање на владата во Берлин од страна на амбасадата во Скопје.

„Такво соопштение да даде германското МНР покажува дека германскиот амбасадор тука се служи со лажни вести. И не е првпат, и за бегалската криза имавме иста ситуација, па канцеларката Меркел мораше јавно да се извинува во Брисел за неточните податоци кои ги добивала од нивната амбасада тука“, рече Иванов. Потоа, тој апелираше до Германија да испраќа во Македонија дипломати од повисоко ниво. „Апел до Германија, после еден Ханс Лотар Штефан кој беше амбасадор и ја напиша најбрилијантната студија за Македонија во последните децении, вакво ниво на дипломати да ни праќате е навреда. Треба да размисли Германија кое ниво на дипломати испраќа во македонија. Ова е недозволиво, на лажни информации да темелат соопштение кое го дава германско МНР“, рече Иванов.

Амбасадорката Кристине Алтхаузер во изјава за агенцијата Макфакс кусо му реплицираше на Иванов.

„Колку поголем непријател, толку поголема чест за мене”, гласи нејзиниот коментар на вчерашната изјава на Иванов.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2017 13:13