Грчкиот бизнисмен Вангелис Маринакис го доврши преземањето на некогашниот двократен европски шампион Нотингам форест, а тоа го потврди и Англиската фудбалска лига.
Грчкиот милионер и бродосопственик, кој го поседува и Олимпијакос, на местото прв човек на „шумарите“ ќе го наследи Фаваз Ал-Хасави, бизнисмен од Кувајт, кој управуваше со клубот во последните пет години.
Претходно, во јануари пропадна намерата на еден американски конзорциум да го преземе Нотингам форест, а тоа го искористи Маринакис, кој сега е сопственик на сто проценти од акциите на англискиот второлигаш.
Маринакис е контроверзна личност во грчкиот јавен живот, бидејќи против него се водеа, или се водат, повеќе судски постапки, кои вклучуваат и обвинувања за местење натпревари.
Тој го купи Олимпијакос во 2010 година и оттогаш фудбалскиот клуб од Пиреа освои седум последователни шампионски титули на Грција. Познат е и како личност со краток фитил и конфликтна личност, како и некој кој многу лесно ги отпушта тренерите. Маринакис сега успехот од Атина се обидува да го ископира и во Нотингам форест, а тоа го потврди и самиот тој.
„Она што го успеавме во националниот и европскиот фудбал со Олимпијакос, ќе го направиме и во Нотингам форест. Ние сакаме да ги вратиме славните денови во Форест, кој е еден од најстарите и клуб со најгорда историја. Ние сме луѓе од светот на фудбалот и играта ја познаваме до сржта“, изјави Маринакис.
Нотингам форест во 1979 и во 1980 година го освои Купот на европските шампиони и оттогаш нема забележано ниту приближно значајни успеси. Во Англија моментно се натпреварува во Шампионат лигата, каде што оваа сезона се избори за 21-вото место, со еднаков број бодови како и Блекбурн, кој само за два гола полош скор испадна во третиот ранг на натпреварување.