Андалузијците ќе имаат добра причина да не се заморуваат претерано во последното коло на Примера лигата против Реал Мадрид на нивниот стадион „Ла Росаледа“.
На Реал и еден бод во Малага му е доволен за шампионската титула на Шпанија, прва по пет години.
Интересно е тоа што на Андалузијците воопшто не им се исплати претерано да се заморуваат, но не поради тоа што претстојниот натпревар не им значи ама баш ништо, туку поради тоа што од титулата на Реал добро би заработиле.
При трансферот на Иско во Реал во 2013 година, клубовите направија договор дека на Андалузијците ќе им припаднат по милион евра за секоја шампионска титула која ќе ја освои Кралскиот клуб додека овој офанзивен играч за врска е во неговите редови.
Интересно е и тоа што не се предвидени бонуси за титулата во Лигата на шампионите. Инаку, Иско досега два пати со Реал го подигна пехарот, а ќе има шанса и по трет пат наскоро во Кардиф, во случај „кралевите“ да бидат подобри во финалето од Јувентус.
Така што не треба да се очекува дека играчите на Малага претерано ќе се растрчаат во средбата против Реал како што го направија тоа против неговиот најголем ривал оваа сезона. Може да се рече дека Андалузијците овој милион го заработиле на теренот бидејќи ја натераа Барселона на два кикса против нив и ќе имаат голем удел во освојувањето на титулата на Реал.
Барселона ремизираше без голови против Малага минатата есен на „Камп ноу“, додека во пролетниот дел од сезоната беше поразена на „Ла Росаледа“ со 2-0.