Тимот на Зинедин Зидан го симна од тронот најголемиот ривал Барселона со три бода повеќе.
Реал во последното коло ја совлада Малага со 2-0 во Андалузија и ја заокружи серијата од шест победи по поразот во Ел Класико, со којшто си ја загрози титулата.
Сè беше јасно уште во втората минута, кога Кристијано Роналдо со 25-тиот гол во сезоната донесе предност, а последните сомнежи дефинитивно ги отстрани Карим Бензема во десеттата минута од второто полувреме.
Барселона во последното коло залудно го совлада Еибар со 4-2 на „Камп ноу“, по пресвртот. Гостите водеа со 2-0 до последните 30 минути со головите на Инуи, потоа намали Жунка со автоголот во 63-тата, а во 69-тата Меси не погоди пенал.
Само четири минути подоцна, Луиз Суарез погоди за израмнување, а Аргентинецот се искупи со вториот пенал и со погодокот за победа. Меси го постави и конечниот резултат во 92-рата минута.
Реал ја освои 33-тата шампионска титула на Шпанија, во што одамна е рекордер, а ќе има шанса за прв пат по повеќе од половина век да ја освои двојната круна со европскиот трофеј.
Кралскиот клуб на трети јуни ќе игра во Кардиф против Јувентус, во финалето на Лигата на шампионите. Тимот на Зидан има шанса да стане прв кој ја одбранил шампионската титула на Европа од основањето на Лигата на шампионите.