Масимилијано Алегри, тренерот на фудбалерите на Јувентус, изјави дека тој клуб толку пораснал, што сега ќе мора да се соочи со идеите како да го задржи нивото.

Јувентус го победи Кротоне со 3-0 и со тоа ја освои рекордната шеста последователна шампионска титула на Италија, а претходно го освои Купот, додека на трети јуни игра во финалето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид.

Ова на Алегри му беше трета последователна двојна круна.

„Мораме прво да ги пофалиме сите шестмина играчи коишто ги освоија сите шест титули на Скудетото. Тие влегоа во легендите. Учествував во ова славење, но морам да ги пофалам момчињата бидејќи правеа исклучителни работи“, изјави Алегри.

Една од неизвесностите е и иднината на Алегри во клубот. Бепе Марота изјави дека Јувентус сака да го задржи, но дека одлуката е на тренерот. „Тоа зависи од нас двајцата. Многу сум среќен во Јувентус. Сè уште не сме разговарале, но ќе седнеме и ќе разгледаме што треба понатаму да се прави.

Јуве достигна толку високо ниво, кое мораме да го одржиме, а тоа не е лесно, така што ќе мораме да соочиме разни идеи“, додаде тренерот на „старата дама“.

Тој додаде дека и понатаму ужива во неговата работа.

„Утрово ми помина низ глава каде бев пред десет години, од Сасуоло до Калјари. Многу се радувам што освојував трофеи во Милан и во Јувентус, но пред мене е долг пат. Мојата кариера можеби не е толку долга, но јас го сакам фудбалот. Притисокот е голем, но јас уживам во тоа“, додаде тренерот кој во август ќе наполни 50 години.

На Алегри ова му е 14-та сезона како тренер. Во Милан ја освои шампионската титула и Суперкупот на Италија, додека со Јувентус освои три двојни круни и еден Суперкуп, вкупно седум трофеи.

„Се надевам дека сè уште не сум го достигнал својот врв. Се надевам дека можам уште подобро, бидејќи ако не сте мотивирани да се подобрувате, зошто воопшто се трудите? Оваа победа е дел од историјата на Јувентус, Изјави Алегри.

Играчите на Јувентус добија два слободни дена и повторно ќе се соберат во среда.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2017 13:22