Девет концерти и еден документарен филм во четири дена се на програмата на 16-тиот Оф-Фест, кој во организација на Скопски џез-фестивал ќе се одржува од 25-ти до 28-ми мај во Македонскиот народен театар и во Дансинг салата на Младинскиот културен центар.

Фестивалот ќе биде отворен в четврток (25 мај) во МНТ со соло-настап на Дамир Имамовиќ од Босна, најпознатиот изведувач на севдах кој е и интернационално афирмиран, а по него во истата вечер е концертот на македонскиот етносостав „Љубојна“ кои ќе го промовираат новиот, деветти албум „Радио Љубојна“.

Следната вечер е групата „Бела Чао“ во која членуваат неколку познати пејачки ѕвезди од Италија, кои на концертот ќе изведат од циклусот антифашистички, револуционери, слободумни песни од 1960-тите, а по нив со звуците на фадо ќе настапи Жизела Жоао од Португалија.

Од 27 мај Оф-Фест ќе се пресели во Младинскиот културен центар, каде што во Дансинг салата ќе настапи виолинистката и пејачка од Естонија Марја Нут, а по неа е настапот на корејската група „Блек Стринг“ која негува спој на традиционална и современа музика со типични корејски инструменти, како геомунго и бамбусови флејти.

Саботната вечер ќе заврши со полноќен концерт во клубот „Станица 26“ на познатото диџејско дуо „Ден Сорте Сколе“ од Данска.

Последната вечер на годинашниот ОфФест во недела, 28 мај, ќе биде на африканска музика и спој на сахарски блуз и психоделичлен рок. Ќе настапи „Кинг Ајисоба“ од Гана, на кој специјален гостин ќе биде Зеа од познатиот пост-панк бенд „The Ex“, кој е продуцент на новиот албум на Ајисоба, а фестивалот ќе го затвори Нура Минт Сејмали, водечки уметник од Мавританија на интернационалната сцена, која ќе има концерт со мавритански инструменти.

Во кино „Фросина“ претходно ќе биде прикажан и документарниот филм „Every Song Has Its End“ посветен на културолошкото богатство на традиционалната музика од Мали.

На прес-конференција на која беше официјално соопштена фестивалската програма, Вера Милошевска и Оливер Јосифовски од „Љубојна“ најавија камерен концерт за промоција на новиот албум „Радио Љубојна“, кој ќе биде различен од концертите кои вообичаено ги одржуваат на големи сцени. Ќе има акустични инструменти, а со Милошевска ќе има двајца машки вокали.

– Ќе се обидеме „Радио Љубојна“ да го сместиме во една убава, кадифена атмосфера, со цела топлина на звукот којшто ја носи, рече Милошевска.

Директорот на Скопски џез-фестивал Оливер Белопета истакна дека ОфФест го има позитивното значење на сите фестивали во светот кои се фокусирани на музиката на светот (World Music), затоа што собираат огромен број слободумна публика и покрај сите глобални проблеми, како миграциите, тензиите на Блискиот Исток и во Северна Африка. Токму на тоа, смета Белопета, се должи експанзијата на музиката на светот во последните 30 години и нејзиниот влез во земјите на западниот свет.

– На пример во Франција, ќе се изненадите колку е таа публика мешана, без знаци на шовинизам или расизам. Потребно ни е враќање на слободоумниот дух, особено денес кога се присутни и елементи на фашизам. Затоа пораките од песните на „Бела Чао“, на пример, се свежи и актуелни и денес и е потребно да се слушнат. Затоа овие типови фестивали на музика на светот станаа многу важни во светската глобализација. Убавата и добра музика не доаѓа само од Западна Европа и од САД, како што бевме навикнати над 40 години, туку од сите континенти, рече Белопета на прес-конференцијата по повод претстојниот ОфФест.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2017 19:18