Денеска се одржа средба помеѓу претседателот на СДСМ, Зоран Заев и Зијадин Села од Алијанса за Албанците.
Теми на средбата беа принципите на соработка на новата реформска Влада. Разговарано е и за првичните позиции околу ресорските решенија во Владата.
Покрај ова, лидерот на СДСМ, Зоран Заев се сретна и со Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како и со лидерот на Беса, Билал Касами.
Како што соопшти ДУИ, Заев и Ахмети уште еднаш ги повторија приоритетите на новото мнозинство: сериозни реформи во владеењето на правото согласно препораките на меѓународната заедница, интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ, Охридскиот договор, добрите меѓуетнички односи, отворање нови работни места и економски развој на државата.
Според неофицијални информации, веќе се поделени ресорите во новиот владин кабинет, а се очекува до петок да бидат и јавно соопштени.