Случаите покренати од страна на СЈО значи се темелат на невистини и манипулации и имаат за цел политички прогон за раководството на партијата и мое лично, а со цел да се сврти вниманието на јавноста од актуелните случувања во политиката, изјави Никола Груевски кој денеска изврши увид на новата болница во градба во Штип.
- Денешната прес-конференција на СЈО само уште еднаш докажа дека целта на СЈО не е ниту правна разрешница ниту откривање на вистината, туку уништување на ВМРО-ДПМНЕ како партија како политички опоненет на нивната партија, партијата на СЈО-СДСМ. Обид да се разбие ВМРО-ДПМНЕ за да може СДСМ слободно во иднина да ги спроведува политиките за коишто се обврза пред своите партнери во владината коалиција и пред оние коишто ја поддржуваат, рече Груевски.
Според него, втората цел доколку ова не успее, е да се компромитира раководството на ВМРО-ДПМНЕ и негово компоромитирање како нејзин лидер.
- Нивната цел е барем да се искомпромитира раководството на чело со мене како претседател на партијата да не претстават дека сме правеле некои незаконски работи.Сето ова е неточно. Денеска беа искажани многу лаги, многу манипулации кои во иднина едно по едно ќе се докажат, рече Груевски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ целокупното свое работење досега го заснова на закон и целото нејзино работење и финанисрање го заснова согласно законите.
- Целосното финансирање на партијата е согласно закон и е идентично на финансирањето на СДСМ на ДУИ на ДПА на БЕСА и на сите други политички партии, нагласи Груевски.
Во однос на предметот на СЈО за изградба на двата автопата, рече дека се искажани лаги и инсинуации, но не и главната работа дека постапката за нивно градење е согласно посебен закон донесен од Парламентот и изгласан не само од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, туку и од ДУИ и од присутните пратеници на СДСМ за што, рече постојат листинзи со кои тоа може да се докаже.
За поведениот случај во врска со финансирањето на партијата подвлече дека станува збор за финансирање на партијаста од членарини и донации со цел да се изгради основната инфраструктура за да се овозможи нормално функционирање на партијата.
- СДСМ доби наследство од штабови и објекти од поранешната комунистичка партија, а тоа се пари на народот. ВМРО-ДПМНЕ, пак, безмалку немаше ниту еден објект се ни беше или под кирија или слично и немавме можност да работиме нормално. Она што го направивме после 25 години беше поддршка на членството на партијата со членарини и донации коишто денес некој срамно се обидува да ги нарече перење пари. Со такви средства купени се штабови во поглемиот дел општини каде што делува ВМРО-ДПМНЕ со цел нормлано функционирање на партијата и да стане вистински пандам на СДСМ којшто ги наследи тие штабови и којшто ужива во привлегиите на поранешната комунситичка партија во која вложуваат сите, посочи Груевски.
Тој појасни дека најголем дел од штабовите 95 проценти се ставени во функција освен 4-5 објекти за кои е потребна реновирање пред да се стават во употреба.
- За овие четири-пет објекта СЈО прави исинуации дека не биле партиски обележани и дека наводно се користеле за други цели, што не е е точно. Станува збор за 4-5 објекти за коишто е потребна дополнителна ентиерна интервенција внатре во објектот, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ги окарактеризира како неосновани обвинувањата дека партијата купувала ниви и земјиште.
Според него, се работи за купени објекти во рурални области како што е на пример Чешиново-Облешево каде што е купена куќа со поголем двор бидејќи така била понудена за продажба.
За изградбата на зградата на штабот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека станува збор за едноставен јасен случај на отстапување на земјиште во сопственост на партијата на приватен инвеститор кој за возврат им отстапил простории за самата партија. Груевски посочи дека и за ова прашање СЈО намерно го премолчува клучниот факт, факт што вели повторно го премолчува СЈО.
- Сето ова се манипулации со цел да не оцрнат пред народот затоа што народот гледа кој се бори за државата и за државните интереси, кој најмногу во својот мандат создаде за граѓаните, а кој уште од сега бара алиби за идното неработење и за лажните ветувања што ги дадоа на граѓаните. Се што е направено направено е согласно закон, а се што се прави сега се прави со политичка цел.Тоа е обид за политички прогон за раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се исплашени од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ затоа што знаат дека независно што сега на сила се залепи таа коалиција што сега договара влада. ВМРО е силна и брзо ќе се врати на власт. Тоа ги плаши, а ги плаши и периодот што претстои во којшто имаат превземено тешки обврски и сакаат да го свртат вниманието наместо луѓето да гледаат што прават да се занимаваат со невистини работи прикажани од СЈО поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски.