Излезот од политичката ситуација во која се наоѓа Македонија сигурно не е во просто менување на мнозинството во Собранието на Република Македонија. Многу правила и принципи беа прекршени попатно, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за МИА.
Според Попоски, решението мора да оди кон дефинирање на правилата на игра, незагрозување на тоа што мнозинството граѓани го чувствуваат како витален национален интерес и најскора проверка на правецот, преку избори.
– Локалните избори се прв извесен тест за правецот. Ако сме сите сигурни во исправноста на сопствените политики, можеби ќе има можност и за парламентарен тест, вели Попоски.
Шефот на македонската дипломатија во интевјуто, покрај за актуелната политичка ситуација, говори и за осносите со Грција и за случувањата во регионот.
Кои се главните пораки што ги добивате на средбите со странските политичари?
– Не добиваме исти пораки од сите политичари. Но, главно е дека има загриженост од регионална нестабилност и ризици од вовлекување на Република Македонија. Првото не зависи од нас, но за второто може да влијаеме да не се случи.
Настрана извештаите во медиумите и цитати од „извори блиски на оваа или онаа влада“, каков е меѓународниот углед на Македонија во моментов?
– Не може да биде идеален во услови на политичка криза која трае долго. Можеби во Регионот, тоа е некој стандард, но ние треба да се погрижиме само за нашиот двор. Колку што изградивме одлична слика со бизнис климата, толку имиџот надвор патеше од кризата.
Каков е Вашиот одговор на прашањето на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ кој во телевизиско интервју праша дали нашиот Парламент е Парламент на Македонија или заеднички парламент на Македонија и Албанија?
– Не сум чул, но бидејќи прашањето е реторичко, сигурен сум го знае точниот одговор.
За што поконкретно разговаравте со грчкиот министер за надворешни работи на последната средба на Малта?
– За резултатите од мерките за градење доверба. Согласни сме дека има резултати во климата, покрај видните разлики кои ги имаме за клучни прашања.
Минатата година во април во Солун се одржа состанок на МНР на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија. Разговаравте ли со Коѕиас за одржување на уште еден ваков состанок, со оглед на тоа што на претходниот беше кажано дека ваквите состаноци ќе станат пракса. Мислите ли дека е време за уште еден ваков состанок, со оглед на провокативната реторика на некои лидери во регинот?
– Јас мислам треба да се продолжи се додека пораките се такви какви што беа на првата средба. На граѓаните и на бизнисот во Регионот им треба релаксирана атмосфера, а не провокации и тензии.
Грчките политичари и медиуми постојано повикуваат на почитување на принципите на независност и територијален интегритет на земјите од Западен Балкан. Загрозен ли е територијалниот интегритет, суверенитетот и унитарноста на Македонија? И генерално, постои ли опасност од прекројување на границите на Балканот?
– Сигурно има политичари кои посакуваат или флертуваат со такви сценарија. Но, тоа сигурно не е најпосакувана опција, ниту пак има поддршка од јавноста. Треба да сме начисто дека промена на границите не носи решенија за реалните проблеми на луѓето. Интеграцијата во ЕУ е многу похумана, поевтина и подалекувидна опција. Не случајно била избрана од најнапредните земји после најкрвавиот судир на европско тло.
Во што го гледате излезот од политичката ситуација во која се наоѓа Македонија?
– Излезот сигурно не е во просто менување на мнозинството во Собранието на Република Македонија. Многу правила и принципи беа прекршени попатно. Решението мора да оди кон дефинирање на правилата на игра, незагрозување на тоа што мнозинството граѓани го чувствуваат како витален национален интерес и најскора проверка на правецот, преку избори. Локалните избори се прв извесен тест за правецот. Ако сме сите сигурни во исправноста на сопствените политики, можеби ќе има можност и за парламентарен тест.
Каде ја гледате Македонија за една година?
– Веројатно со уште најмалку едни избори зад себе. Можеби во поздрава политичка клима, а искрено се надевам со извлечени наравоученија дека нарушувањето на националните интереси носи политичка цена за оној кој тоа го прави.
Со оглед на тоа дека сте член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, неизбежно е да Ве прашам кои се следните чекори на партијата?
– За тоа, секако, одлуките, најпрво, треба да се донесат од партиските тела.