Кошаркарите на Голден стејт вориорс на доминантен начин стигнаа до финалето на НБА-лигата – без пораз во 12 натпревари во плејофот.

Вориорс во четвртиот натпревар од финалната серија на Западната конференција го совладаа Сан Антонио спарс со 129:115 и со максимален учинок дојдоа до борбата за новиот прстен.

Избраниците на Стив Кер, кој и понатаму не може да го води тимот на натпреварите поради здравствени проблеми, ќе го играат третото последователно финале, но малку ќе почекаат да го добијат противникот бидејќи во финалната серија на Истокот моментно резултатот е 2-1 за Кливленд против Бостон.

Вториот дуел во Тексас не донесе премногу неизвесност, „мамузите“ водеа само на почетокот на натпреварот, а потоа Стефан Кари и дружината одлучија дека не сакаат премногу да се задржуваат во финалето.

На крајот од првата четвртина имаа +12, Спарсите се држеа во втората, но во третата четвртина средбата беше одлучена кога гостите во еден момент имаа предност од 22 поени.

Од тој момент сè беше рутинска работа и сега Вориорс ќе имаат шанса да се борат за петтиот прстен во историјата на франшизата.

Стефан Кари беше најефикасен со 36 поени (14-24 од игра, 5-13 за три), додека Кевин Дурант постигна нов дабл-дабл со 29 поени (10-13 од игра, 2-4 за три, 7-7 пенали), 12 скокови и четири асистенции. Одличен беше и Дрејмонд Грин со 16 поени, осум скокови и исто толку асистенции.

На другата страна, Кајл Андерсон имаше 20 поени и шест скокови, Ману Џинобили 15 поени и седум асистенции, додека Пати Милс натпреварот го заврши со 14 поени.

Дуелот во Сан Антонио го обележа можеби и последниот натпревар во кариерата на големиот Аргентинец Ману Џинобили.

Кливленд кавалирс и Бостон селтикс ја продолжуваат борбата за финалето, а следниот натпревар на програмата е ноќеска, од 2.30 часот по наше време.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2017 14:26