Судиите од Кривичните совети на Одделението за организиран криминал и корупција при Основен суд Скопје 1 – Скопје одлучиле да не го замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, соопштуваат од таму.

„Постапувајќи по несогласноста на судиите на претходна постапка, во врска со барањата за привремено одземање на имот поднесени од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, на нејавна седница одржана на 23.05.2017 година согласно чл.202 ст.3 од ЗКП донесоа решенија со кои се уважува несогласноста на судијата на претходна постапка при што од страна на судот не е определена предложената привремена мерка Забрана на оттуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека“, стои во соопштението на Кривичниот суд.

Специјалното јавно обвинителство вчера во истрагата „Талир“ побара замрзнување на дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ, односно околу четириесет објекти за кои СЈО има докази дека се купени со пари од непостоечки донации. Меѓу објектите за кои СЈО побара замрзнување е седиштето на партијата во центарот на Скопје за кое фирмата која го гради, „Бетон“, сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов, донирала во партијата околу два милиони евра.

Ова е прв случај на Специјалното јавно обвинителство во кој се обвинуваат политичари кои се опфатени во незаконски прислушуваните материјали за перење пари. Првоосомничен во „Талир“ е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а освен него обвинети се генералните секретари на партијата и директори на Центарот за комуникации.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2017 20:59