Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и мандатар за состав на новата Влада престојува во работна посета на Брисел каде што ќе има билатерална средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини.

„Заев ќе биде присутен на вечерата што ја организира високата претставничка на ЕУ, Могерини во Брисел, со шест премиери на Влади од Балканот. Тема на состанокот, како што е најавено е состојбите во регионот и заеднички напредок“, информираат од СДСМ.

На неформална вечера, покрај Заев, поканети се и премиерите на Србија, Александар Вучиќ, на Црна Гора Душко Марковиќ, на Албанија, Еди Рама, на Косово Иса Мустафа и на Босна и Херцеговина Дениз Звиздиќ.

Вчера Заев изјави дека средбата со Могерини преставува одлична можност за да се поразговара за европската перспектива на Македонија.

– Можност да објасниме колку многу ќе работиме на реформите за да им дадеме причина да се фокусираат кон целиот регион, па и кон нашата Македонија. Македонија ја чека Европската Унија, сакаме и полнoправно членство во НАТО и веруваме дека овие примарни цели на нашите граѓани ќе бидат истовремено сериозно поддржани од нашите европски партнери – изјави Заев, кој во Брисел е повикан како „определен премиер“, бидејќи има мандат да формира влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2017 21:33