На денот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, кои ги поставија темелите на писменоста и јазикот како наш идентитетски белег, уште еднаш се обврзуваме дека ќе го заштитуваме македонскиот јазик, ќе го афирмираме и ќе го унапредуваме неговиот статус.
Во Програмата на новата Влада, се предвидени низа мерки преку коишто македонскиот јазик ќе го добие значењето што му припаѓа, како службен јазик во Република Македонија.
Ќе се фокусираме на изработка на темелна стратегија за заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик, во којашто ќе бидат вклучени сите клучни институции и експертската јавност.
Државните институции и установи ќе мора да го почитуваат и употребуваат македонскиот јазик, наместо како досега да служи како средство за поттикнување етнички тензии за политички цели.
Ќе ги зголемиме капацитетите на Институтот за македонски јазик со научен кадар и ќе поддржуваме проекти и научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области.
Со цел развој и унапредување на македонскиот јазик ќе спроведеме јавна расправа и дебата за Законот за македонскиот јазик.
Ќе формираме постојан Одбор за стандардизација на македонскиот јазик што ќе има задача да ги решава проблемите што се појавуваат во пракса, а за кои нема предвидени нормативни. Одборот ќе биде составен од експерти од Катедрата за македонски јазик, Институтот за македонски јазик, МАНУ, како и истакнати писатели, културни работници од областа на јазикот и на литературата, педагошки работници. Одборот транспарентно ќе ги комуницира своите решенија со јавноста.
Еден од приоритетите ќе биде изработка на електронски корпус на Македонскиот јазик и дигитализација на целокупниот материјал од Речникот на македонскиот јазик. Ќе ги доработиме електронските бази посветени на Македонскиот јазик: документи, книги, списи, научни податоци во врска со македонскиот јазик на глобалната мрежа.
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе прерасне во Македонистички центар, со повеќе едукативни функции, вклучувајќи и стипендирање на поголем број странци кои го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура.
Досегашната власт покажа тотална негрижа за македонскиот јазик. Изостана поддршката за лекторатите по македонски јазик на странските универзитети и на македонистите во странство. Со тоа се намали бројот на изучувачите на македонскиот јазик во странство, се загрози промоцијата и меѓународната афирмација на македонскиот јазичен и културен идентитет. Новата Влада ќе посвети особено внимание на одржувањето на постојните лекторати и отворањето нови. Посебен приоритет ќе биде отворањето лекторати во земјите на ЕУ, САД и Австралија.
Исто така, ќе посветиме големо внимание на значајните личности за македонскиот јазик и македонската култура. Ќе ги обновиме нивните родни куќи и ќе ги издигнеме на ниво на музеи, а поддршката ќе продолжи за постојните, како онаа на Блаже Конески во Небрегово.
Ќе ја поддржиме и собирачката дејност: народни песни, приказни, дијалектолошки материјали, како и нивна дигитализација.
Ќе го зголемиме интересот за Македонскиот јазик преку политики на привлечност односно атрактивност за учење на јазикот, а не преку рестриктивни мерки и глоби.
Ќе се грижиме за македонскиот јазик, но и за почитување на богатството различности на нашата држава, градејќи просперитетно општество за сите нејзини граѓани.