Четиридневниот 16-ти Оф-Фест ќе почне вечерва со два концерта во Македонскиот народен театар – соло-настап на Дамир Имамовиќ од Босна, најпознатиот изведувач на севдах кој е и интернационално афирмиран, а потоа е концертот на македонскиот етносостав „Љубојна“ кои ќе го промовираат новиот, деветти албум „Радио Љубојна“...

Дамир Имамовиќ е роден во Сараево и потекнува од семејство на традиционални пејачи на севдалинки – босанска музика исполнета со меланхолија, копнеж и мечтаење. Кaко посветен истражувач на севдахот, едукатор и продуцент, преку истражување на перцепциите на оваа етаблирана стара култура, тој создава нова култура базирана на традициите.

– Неговата скорешна соработка со продуцентот Крис Екман, американски гитарист познат по ангажманот во групата Walkabouts и соосновач на издавачката куќа Glitterbeat Records, резултира со приемчива музика која го претставува севдахот пред поширока публика. Со својата специјално изработена тамбура, Дамир создава специфичен спој од музика и стихови кои се поврзани со идејата за севдах, соопштува Оф-Фест.

По него во МНТ ќе настапи етногрупата „Љубојна“ со камерен концерт за промоција на новиот албум „Радио Љубојна“, кој ќе биде различен од концертите кои вообичаено ги одржуваат на големи сцени. Ќе има акустични инструменти, а со Вера Милошевска ќе има двајца машки вокали.

– Ќе се обидеме „Радио Љубојна“ да го сместиме во една убава, кадифена атмосфера, со цела топлина на звукот којшто ја носи, рече Милошевска на прес-конференција. „Љубојна“ е меѓу најистакнатите етносостави на Балканот кој на автентичен начин го пренесува пулсот на македонското музичко битие во отворен звук за светот. Нивните музички ерупции најчесто се опишуваат како постојано менлив спој од жестока енергија, моќниот звук на дувачката секција и традиционалните македонски теми, наведува Оф-Фест во најавата за концертот.

Утре, на втората фестивалска вечер, ќе настапи групата „Бела Чао“ во која членуваат неколку познати пејачки ѕвезди од Италија, кои на концертот ќе изведат од циклусот антифашистички, револуционери, слободумни песни од 1960-тите, а по нив со звуците на фадо ќе настапи Жизела Жоао од Португалија.

Од сабота, 27 мај, Оф-Фест ќе се пресели во Младинскиот културен центар, каде што во Дансинг салата ќе настапи виолинистката и пејачка од Естонија Марја Нут, а по неа е настапот на корејската група „Блек Стринг“ која негува спој на традиционална и современа музика со типични корејски инструменти, како геомунго и бамбусови флејти.

Саботната вечер ќе заврши со полноќен концерт во клубот „Станица 26“ на познатото диџејско дуо „Ден Сорте Сколе“ од Данска.

Последната вечер на годинашниот ОфФест во недела, 28 мај, ќе биде на африканска музика и спој на сахарски блуз и психоделичлен рок. Ќе настапи „Кинг Ајисоба“ од Гана, на кој специјален гостин ќе биде Зеа од познатиот пост-панк бенд „The Ex“, кој е продуцент на новиот албум на Ајисоба, а фестивалот ќе го затвори Нура Минт Сејмали, водечки уметник од Мавританија на интернационалната сцена, која ќе има концерт со мавритански инструменти.

Во кино „Фросина“ претходно ќе биде прикажан и документарниот филм „Every Song Has Its End“ посветен на културолошкото богатство на традиционалната музика од Мали



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2017 12:04