Хесус Навас и Гаел Клиши, фудбалерите на Манчестер сити, ова лето ќе го напуштат англискиот клуб, соопштено е на официјалната интернет-страница на „граѓаните“.
Францускиот лев бек Клиши ќе побара нов клуб по истекувањето на договорот на 30-ти јуни, по шест години поминати на стадионот „Етихад“. Тој за тоа време со Сити два пати ја освои Премиер лигата и два пати Лига купот.
Клиши за „граѓаните“ оствари повеќе од двесте настапи, а постигна три гола.
Шпанскиот офанзивен играч Хесус Навас по четири години ќе си оди од Манчестер сити, за кого играше на 123 лигашки натпревари, на кои мрежата на противникот ја затресе четири пати. Одигра уште 50 натпревари во останатите натпреварувања, а четири пати се запиша во стрелците во Лига купот.
Навас во Сити дојде до титулата во Премиер лигата 2014 година, а подигна и два трофеи на Лига купот - 2014 и 2016 година.