На конгресот на СДСМ гледам стари лица што ги изгубија изборите во 2014 и 2016 година и на некој начин успеја да дојдат на власт, дадоа сериозни и крупни ветувања поради што луѓето со право имаат очекувања, оцени денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Ги гледам горе доле истите луѓе коишто ги препознаваме од нивното владеење по корупција, криминал, неработење, лажни ветувања, манипулации, лажни информации, обвинувања на противникот наместо фокус и концентрација на нови проекти и на нешто што ќе го подобри животот на народот. Се фокусираат на опонентите за да ги оцрнат и да фрлат лаги и невистини врз нив, рече Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по официјалното пуштање на германската инвестиција за производство на индустриски и технички текстил – Лутекс во погоните на „Нонча Камишева“ во Велес.
Тој посочи дека СДСМ секогаш кога доаѓа на власт ветува реформи и сами се нарекуваат реформска влада. Но, нагласи, ние не се сеќаваме на ниту една реформа од СДСМ.
Секогаш со фамфари доаѓаат во владата и кажуваат какви се не реформи ќе направат, каков живот ќе донесат, како ќе биде подобро, рече Груевски и побара од граѓаните да се потсетат какви и кои реформи биле направени кога владеел СДСМ.