Живот во Македонија за сите!
Од денес ова е нашата заедничка света обврска исправена пред секој од нас!
Граѓаните на Македонија се на прагот да ја добијат новата, реформска Влада - својата Влада, по речиси 11 години наметнат режим!
Од денес пред нас се отвора широко поле на можности за обнова на општеството, но и на нашите животи. Да осигураме стабилност и безбедост за денешните генерации. Мирен живот за нашите родители. Сигурна иднина за нашите деца.
Поминавме долг пат заедно, рамо до рамо по улиците, низ Вистината за Македонија, со Граѓаните за Македонија, во Кампот на слободата, со Шарената револуција, трпеливо и мудро низ политичките процеси - верувајки во слобода, вистина, правда, еднаквост, напредок. Секој од нас кој беше дел од сето ова се откажа од својата удобност и комотност, а некои и од сопствената егзистенција. На некои им беше загрозен и животот. Не мислевме само на себе, мислевме на сите нас.
И еве ја таа можност пред нас, да изградиме едно и единствено, заедничко, подобро општество за сите во нашата земја, во нашата Република Македонија.
Но мора да бидеме реални за да успееме целосно. Ова не е крај на битката за животот што го избравме.
Зад нас го оставаме минатото, уништените општествени, материјални и морални вредности. Пред нас се можностите за реформа, обнова, пружена шанса за секој.
Да се фокусираме на тоа што ќе овозможи нови и добро платени работни места за граѓаните. Тоа, ќе ги зајакне семејствата. Тоа, ќе ја зголеми потрошувашката.Тоа, ќе поттикне развој на претпријатијата. Тоа ќе овозможи економски раст во државата. И така ќе придонесеме секој да се чувствува спокојно и сигурно, тука во Македонија, истакна Заев во своето обраќање на Конгресот на СДСМ.