Благодарам за големата поддршка што ми ја дадовте на овој наш 22-ри Конгрес, ја добив огромната чест да продолжам да ја водам не било која партија Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Оваа поддршка за мене е обврска. Обврска пред вас, членовите и поддржувачите на СДСМ. Но и голема обврска пред граѓаните, кои дадоа доверба на СДСМ да ја предводи новата Влада.

Ќе продолжам да работам со уште поголема одлучност и со уште поголема верба дека можеме да создадеме сегашност за сите и можеме да изградиме иднина за сите, во нашата држава, Република Македонија. Сите заедно ќе го направиме тоа, независно од различностите: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци други, како што `се досега направивме заедно и ги отворивме на Македонија прозорците кон светот.

Таа светлина денес го осветлува нашиот заеднички пат, единствениот пат до успехот.

Пред нас е долг пат - барам од вас да имате трпение и да продолжите да верувате.

Ќе работиме темелно, ќе работиме посветено и ќе обезбедиме општество на среќни луѓе, на насмеани граѓани и на спокојни семејства. Тоа ќе биде општество на вредности, општество на еднакви шанси. Тоа ќе биде унитарна држава којашто достоинствено чекори по патот на прогресот и развојот, водејки се од демократските вредности и од човековите слободи и права. Тоа е патот до Европската унија и НАТО, таму каде што ни е местото, меѓу граѓаните и државите од демократскиот цивилизиран свет.

Тенденциите во светот покажуваат дека на чело на државите застануваат млади луѓе кои не се затруени од минатото, од омраза и нетрпеливост, туку луѓе кои гледаат кон иднината со почит и толеранција кон другите околу нив. Зашто што, е светот ако не богатство на различности?! Што е Македонија, што е нашето семејство, што сме самите ние, ако не богатство на различности?!

Република Македонија има со што да се гордее. Граѓаните на Македонија со пенкало срушија режим и се на чекор до формирањето, своја, реформска, европска Влада. Со политичари за кои вредностите не се идеја, туку се обврска. Луѓе кои се подготвени да градат мостови во Македонија, меѓу Македонија и соседите, меѓу Македонија и светот. Направивме многу, ќе направиме уште повеќе, подготвен сум да водам на тој пат, го имате мојот збор.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2017 19:07