Решавањето на спорот за името треба да биде високо на агендата на новата македонска влада, порачува посредникот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц.

Во интервју за грчкиот весник „Риал њуз“, Нимиц истакнува дека очекува да се формира нова влада во Македонија и да започнат сериозни разговори за решавање на проблемот кој постои меѓу Скопје и Атина. Решавањето на овој проблем, според него, може да помогне да се надминат и други проблеми во регионот.

– Мандатот кој го имам за решавање на спорот за името е клучот кој ќе ја отвори вратата за да се решат и други спорни проблеми во регионот. Спорот може да се реши ако и двете земји и нивните лидери добијат поддршка од нивните народи, ако разгледаат нешто што е логично, што ќе го задржува достоинството на двете земји, идентитетот на двете земји, историската смисла на двете земји. Мислам дека постојат решенија, вели Нимиц.

Тој ги оценува како опасни и погрешни сите разговори и идеи за менување на границите, особено на Балканот.

– Границите треба да останат таму каде што се и мислам дека тоа што го нарекуваме ПЈРМ е една држава членка на Обединетите нации, признатa како држава од сите нејзини соседи, истакнува Метју Нимиц.

Тој апелира до Албанците во Македонија да бидат лојални граѓани, да придонесат за функционирање на државата и да работат во насока на демократско решавање проблемите.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2017 09:11