Франческо Тоти (40) беше шампион на Италија во 2001 година, победник на Купот на Италија во 2007 и во 2008, победник на Суперкупот на Италија во 2002 и во 2008, во 2007 година со 26 гола беше најдобар стрелец на лигата, во 2000 и во 2003 беше најдобар играч на Серија А.
Четириесетгодишниот Франческо Тоти против Калјари (3-2) во 38-мото, последно коло на Серија А го одигра последниот натпревар во кариерата.
„Тука сме, тој момент за жал стигна, се надевав дека нема да го дочекам“, им изјави Тоти на навивачите.
„Луѓето многу зборуваа за мене во последните неколку дена – изјавија некои прекрасни работи. Ми бевте поддршка, ми помогнавте да ги поминам некои тешки моменти и поради тоа сакам на сите да ви се заблагодарам. Седев сам и плачев, како луд, 28 години не можат лесно да се заборават – тоа не може да се стави во неколку реченици. Би сакал да можам сè да изразам со зборови, можеби со некоја песна, но тоа не е нешто во што сум добар. Јас секогаш се обидував да се изразам со своите нозе и тоа многу подобро ми одеше“, изјави емотивно големиот офанзивен играч.
Целата кариера ја помина во Рома, а колку е ценет во Рим, неодамна докажаа и навивачите на најголемиот ривал, градскиот Лацио, коишто на емотивен начин се збогуваа од Принцот на Рим.
На стадионот „Олимпико“ во Рим имаше получасовна прослава и 73.000 расплакани навивачи. Принцот го напушти Вечниот град. Со песната „Круг на животот“ од цртаниот филм „Кралот на лавовите“.
Дебитираше на 28-ми март 1993 година на 16-годишна возраст, на натпреварот меѓу Рома и Бреша го замени Рицители, и во клубот помина 8.827 дена.
Од 1992 до 2017 година одигра 786 натпревари (619 во Серија А, 59 во Купот на Италија, 57 во Лигата на шампионите, 46 во Купот на УЕФА, пет во Суперкупот на Италија) и за „волчицата“ постигна 307 голови.
Од нив во Серија А даде 250 (целиот сегашен тим на Рома 249), рекордер на натпреварувањето е Силвио Пиола со 274.
Дури 180 играчи во Серија А оваа година не биле родени кога дебитираше Тоти.
Со 38 години и 59 дена е најстариот стрелец во Лигата на шампионите (2014, против ЦСАК Москва).
Во последните 23 сезони во Серија А е единствен кој секоја дал барем по гол.
Шампион на Италија беше во 2001 година (десет пати втор), победник на Купот на Италија во 2007 и во 2008, победник на Суперкупот на Италија во 2002 и во 2008. Во 2007 година со 26 гола беше најдобар стрелец на лигата, во 2000 и во 2003 беше најдобар играч на Серија А.
За репрезентацијата на Италија одигра 58 натпревари и даде девет гола. Во 2006 година со националниот тим беше светски шампион, а во 1996 беше шампион на Европа (под 21 година).