Фудбалерите на Кротоне ја направија една од најголемите сензации во историјата на италијанскиот фудбал бидејќи се вратија од речиси отпишана ситуација и на волшебен начин останаа во Серија А.
Клубот од југот на Италија, од Калабрија, успеа во последното коло, со победата над Лацио од 3-1, да го престигне на табелата Емполи, кој со поразот од веќе прежалениот Палермо со 2-1, во кој првиот гол го постигна македонскиот репрезентативец Илија Несторовски отпатува во Серија Б.
Кротоне со тоа успеа да остане во Серија А, по првата сезона на овој клуб во највисокиот ранг на италијанскиот фудбал во 107 години долгата историја на постоење.
„Ајкулите“ со головите на Андре Налини во 14-тата и во 60-тата, и на Диего Фалчинели во 22-рата минута го совладаа Лацио од Рим, но испишаа и нова страница на клупската историја. Кротоне, не сметајќи го првото коло на штотуку завршената сезона, цело време беше на едно од последните три места на табелата. Од друга страна, Емполи од 12-тото коло ја чуваше 17-тата позиција, која ја изгуби на Сицилија во последното коло, иако трите бода на Палермо ништо не му значеа.
По нестварниот успех, и Давиде Никола, тренерот на Кротоне, воодушевено изјави дека ќе го исполни даденото ветување. Тој со велосипед ќе ја помине Италија до Торино, околу 1.300 километри.
„Ветив дека ќе возам со велосипед од Кротоне до Торино и сè ќе направам за да го исполнам тоа. По сето ова, тоа за мене ќе биде многу едноставно. Многу работа и труд вложивме за да дојдеме каде што сме. Ништо од ова не би било можно ако клубот немаше доверба во овие момчиња и да не беа забранети сите изговори. На крајот сè се среди, некои ме сметаа за луд кога реков дека и понатаму имаме шанси, но секогаш кажував дека имаме квалитет. Играчите ме следа, покажаа голем ентузијазам и така стигнавме до целта “, изјави Никола.
Кротоне сезоната во Серија А ја отвори само со два освоени бода во десет натпревари, а на почетокот на април заостануваше со осум бода до зоната на опстанок. Оттогаш победи шест пати, два пати ремизираше, а единствено изгуби од шампионот Јувентус (3-0).