Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека СДСМ како никогаш досега пробува на шверцерски начин да ја стави на гласање новата влада, тој смета дека тие се плашат од анализата на јавноста и пратениците од опозицијата.

Скандалозно е тоа што СДСМ како никогаш досега се обидува да го стави гласањето на владата во парламентот. Објавувањето на составот на влада синоќа и гласањето, односно почеток на расправа утре сабајле, покажува дека тие од нешто се плашат, дека се плашат од анализа на јавноста и се разбира на пратениците од опозицијата, се плашат од анализа на нивните перформанси досега, на нивното минато, на нивното образование, на нивниот учинок. Се плашат исто така да не го разгледаме внимателно оној памфлет кои они го нарекуваат програма. Така што очигледно е дека постои страв и се гледа што е можно побрзо шверцерски да се помине на парламент, досега тоа не се случило. Јас имав четири пати можност досега како мандатар да предложам состав за влада до парламентот, секогаш оставав околу 12 дена за да може и опозицијата, пратениците, јавноста да ги разгледа предлозите, да ја разгледа програмата, да ја анализира, да се подготви, да може да укаже на забелешки, да го слушнеме нивното мислење, изјави Груевски.

Тој кажа дека и ВМРО-ДПМНЕ можел така да ја избере владата, но биле свесни дека на опозицијата и треба време да направи анализа на кандидатите за членови на владата.

СДСМ долго време збореше кога тие ќе станеле мнозинство, ќе го врателе дигнитетот на Собранието, ќе даделе можност за вистинска дебата и ќе даделе можност за слушање на критиката од опозицијата и дека таа критика ќе ја разгледувале понатака во своето работење. Од првиот ден од авион се гледа, дека ниту ќе враќаат некаков дигнитет, кој што не може да го враќаат бидејќи постоеше, туку на некој начин ќе го растураат тој дигнитет, тргнуваат крајно недемократски, тргнуваат шверцерски, за еден ден, нешто што во нашата демократија не е познато досега. Можеше така и ВМРО-ДПМНЕ, можев така и јас и ние сакавме ден порано да го започнеме нашиот мандат, но имавме демократски капацитет да бидеме свесни дека треба да се дозволи на опозицијата да се подготви, да ги види и анализира личностите, има таму ликови кои воопшто не ги познаваме, има ликови за кои треба да се разгледаат сите нивни работи во минатото, целото нивно ЦВ, целата нивна биографија. Имаат нешто доставено како некој памфлет, кој што треба да се изанализира. Така што се гледа голем страв и се гледа набрзина да се помине, за луѓето да немаат време да го издискутираат, да го изанализираат и брзо да се премине на некои други теми, за да се заборави таа тема, која што е поврзана со изборот на нова влада. Значи, свесни дека имаат исклучително слаб состав на нови членови на владата, свесни дека со бирањето на овој состав, се гледало да се задоволат некои луѓе, а не да се одберат најдобри кадри кои што можат да ги решат проблемите на граѓаните и во континуитет да ги решаваат сите проблеми кои што ќе доаѓаат, изјави Груевски

Груевски напомена дека во новата влада на СДСМ нема лица кои се експерти за привлекување странски инвестиции, поради што ќе опадне бројот на странски инвестиции.

Се гледало во СДСМ да се задоволи првиот тим кој што излезе на избори со Заев и кој што ги загуби изборите, не ја доби поддршката на мнозинството граѓани, сега тие луѓе кои што ги изгубија изборите, на кои што народот не им ја даде довербата, тие ќе бидат министри и тие ќе ги креираат наредните чекори за Република Македонија. Исто така, видливо е дека најважните извори за кои што СДСМ говореше дека ќе работи многу за реформи во тие ресори, ги избегна и ги даде на коалиционите партнери. Да кажеме Министерството за правда, Министерството за здравство, или пак да кажеме моментот дека одбегнуваат да стават било кој, барем еден министер за привлекување на странски инвестиции, значи од старт се гледа дека фокусот на внимание за привлекување на странски инвестиции сериозно ќе опадне. За среќа нашата влада во овој период толку многу работеше на ова, што веќе има огромен број кои што се во фаза на донесување на одлука, во наредните година, година и пол, ќе има инвеститори кои што се изработени од оваа влада, кои што се веќе во длабока фаза, кои што ги имаат изработено своите планови, некои од нив и донесени одлуки или се пред донесување одлука, подготвени локации, подготвено се што им е потребно, проекти за градба на фабрики итн. Но она што е жалосно е што нема да има многу нови, затоа што новите ќе немаат соговорници како што имаа досега, досега имаше многу соговорници и од сите страни на некој начин им беше приоѓано, да се разговара со нив со стратегија како да се привлечат, изјави Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го спомена и изоставувањето на дијаспората во новата влада.

Сега во новата влада гледаме дека има десетина членови на влада кои што се без ресор, меѓутоа ниту еден не е специјализиран за привлекување странски инвестиции, нема ниту еден член на дијаспората, ние во првата влада се сеќавам една третина беа поканети луѓе, кои што беа од нашата дијаспора. Голем дел од нив беа на високи позиции во мултинационални компании, со искуство од таму кое го донесоа во Република Македонија, особено во нивното привлекување инвестиции и градење на економските проекти. Така што, станува збор за набрзина создаден состав на влада кој што треба да ги задоволи апетитите на челните луѓе во партиите, без воопшто да се гледа за нивната стручност, за нивното искуство во минатото, многу од нив се со криминални и корупциски афери во своето досегашно работење. Така што, не може да стане збор за реформска влада, напротив може да стане збор за анти-реформска влада,ова што сега се предлага на шверцерски начин да се помине низ парламентот, изјави Груевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2017 07:33