Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи втората седница на која единствена точка на дневниот ред е избор на Влада.

Мандатарот Зоран Заев до Собранието во неделата околу полноќ ги достави Предлог-програмата и Предлог-составот на новата Влада. Собраниската седница е закажана за 11 часот. Според Деловникот за работа на Собранието, Заев ќе има обраќање пред пратениците по што ќе следува претресот. Редоследот на говорите на пратениците и седењето во собраниската сала беше договорен на вчерашната координативна седница со претседателот на Парламентот Талат Џафери. На оваа седница не присуствуваше претставник од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата односно најдоцна до среда на полноќ. За таа да биде избрана потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник.

Во новата Влада министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.

Радмила Шекеринска е предложена за министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура. Кочо Анѓушев е предложен за министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор се предложени и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

Министри без ресор предложени од ДУИ ќе бидат Хазби Лика, Бујар Османи, кој ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, и Рамиз Мерко. Садула Дураку е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.

За министер за локална самоуправа е предложен Сухејл Фазлиу, додека за министер за здравство Арбен Таравари. Фазлиу и Таравари се предлози на Алијансата за Албанците.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на седница на Собранието за избор на Влада на Република Македонија.

– ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на Коалицијата „За подобра Македонија“ од самиот ден на верификација на мандати па до последниот ден на мандатот на ова Собрание, активно ќе учествуваат во неговата работа. Бидејќи мандатот и довербата дадена од граѓаните се да го застапуваме нивниот интерес, да ги браниме интересите на државата и да промовираме политики и проекти што се корисни за Република Македонија и истовремено да се обидеме да попречиме одредени политики или проекти коишто сметаме дека би биле штетни за македонското општество, економија или стабилност, рече вчера Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на партијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2017 07:36