Пеп Гвардиола сака следната сезона да надополни сè што пропуштил во изминатата, па Манчестер сити би можело да собори два трансфер-рекорди.
Како што пренесуваат англиските медиуми, Сити наводно му понудил на Монако дури 130 милиони евра за Килијан Мбапе, но таа понуда ја изедначил Реал Мадрид.
Мбапе има само 18 години, а уште во втората професионална сезона постигна дури 26 голови, од кои шест во Лигата на шампионите.
Освен него, Сити го сака и Едерсон Мораес, 23-годишниот голман на Бенфика, а поради Бразилецот е подготвен да го собори рекордот од 2001 година, кога Џанлуиџи Буфон стана најскапиот голман на светот по трансферот од Парма во Јувентус за 52 милиони евра.
„Скај спортс“ наведува дека Едерсон утре би требало да стигне во Манчестер на лекарски прегледи, а и самиот играч го најави трансферот изјавувајќи по финалето на Купот на Португалија (Бенфика ја освои двојната круна) дека натпреварот против Гимараис му е последен во тимот од Лисабон.
Едерсон за Бенфика дебитираше во 2015 година, по доаѓањето од Рио Аве, во кого стигна во 2012 од нисколигашот Рибеиро. Во Португалија дојде уште во 2009 година токму во фудбалската академија на Бенфика од Сао Пауло, но не се наметна во Лисабон.
Сити веќе доведе едно засилување за следната сезона, „граѓаните“ му платија на Монако 70 милиони евра за Бернардо Силва.