Барселона потврди дека Ернесто Валверде ќе биде новиот тренер на тој клуб во сезоната 2017/18.
Тој минатата недела го заврши четиригодишниот престој на клупата на Атлетик Билбао и ќе го замени Луис Енрике на клупата на „Камп ноу“.
„Разговарав лично со Ернесто Валверде и му ја соопштив нашата одлука. Изјави дека е многу среќен, дека ова за него е голем предизвик. Има време да зборуваме зошто сме го одбрале него. Знаеме какви му се можностите, какво знаење и какво искуство има.
Сака млади играчи и има посебен стил, нешто слично на тоа што го работиме во Барселона. Има слична филозофија со Барселона и тренира како што сакаме ние да тренираме“, изјави Хосеп Марија Бартомеу, претседателот на Барселона.
Луис Енрике минатиот викенд го заврши неговиот тригодишен престој на клупата со освојувањето на Кралскиот куп, но си заминува по релативно неуспешна сезона бидејќи не ги освои ниту Примера лигата ниту Лигата на шампионите.
Покрај Валверде, кандидати за клупата на Каталонците беа уште Хорхе Сампаоли и Роналд Куман.
Валверде како играч во Барселона помина две години, кога тренер беше Јохан Кројф од 1988 до 1990 година. Како тренер го освои Суперкупот на Шпанија со Билбао, кога во 2015 ја победи Барселона, има три шампионски титули и два трофеи на Купот со Олимпијакос во Грција, а во 2007 со Еспањол играше во финалето на Купот на УЕФА.
Беше тренер и на Валенсија и на Вилјареал.