Во 12 часот ќе продолжи втората седница, почната вчера, на која најдоцна до полноќ треба да се избере владата предложена од мандатарот Зоран Заев.

Седницата почна вчера, а по образлагањето на програмата на новата влада од страна на Заев, уследи расправата во која се слушаа напади од пратеници на Беса за ДУИ и нејзините кандидати за министри, како и помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, седницата ја одбележаа расправиите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Антонијо Милошоски и Владимир Ѓорчев, за тоа колку може да се зборува и да се бара збор за процедурална забелешка. Џафери во еден момент доцна попладнето по неколкуминутна препирка не му дозволи на Ѓорчев да даде процедурална забелешка од говорницата.

Претседателот на Собранието, инаку, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им се обраќаше главно на албански, бидејќи, како што на почетокот кажа Милошоски, тие не го признаваат за легитимен претседател, туку само како легитимно избран пратеник и му забележуваа дека не смее како спикер на законодавниот дом да зборува на албански јазик.

Во обраќањето на пратениците од СДСМ, покрај честитките до новата влада и напомените дека и тие будно ќе ја контролираат, една од главните точки беше искажаната почит кон Владимир Ѓорчев поради неговото бранење на нападнатите пратеници при насилствата на 27 април.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2017 09:20