На дебито на Вардар Ф4 турнирот во Келн, најголем дел од нашите ракометари немаат искуство со играње на вакви настани. Но, меѓу ракометарите има и такви со шампионски титули, и со неколку настапи во финалните натпревари во лигата на шампионите.
Досега во групната фаза од ЛШ, Вардар има одиграно 102 натпревари и 43 победи со што е најуспешниот македонски машки тим во историјата во лигата на шампионите. Сезонава првпат ја завршија групната фаза како победници и директно се пласираа во четврт-финалето. Истовремено остваривме и најмногу победи, 12, и тоа на 16 натпревари.
Арпад Штербик зад себе има три шампионски титули во лигата на шампионите (2006, 2008 и 2009), и огромно искуство на вакви важни мечеви. Досега многупати пресудно било играњето и одбраните на Штербик, овозможувајќи им на соиграчите лесни голови во транзиција, но и за подигање на самодовербата на тимот. Штербик сигурно има што да им пренесе на соиграчите во однос на очекувањата во Келн.
„Па и немавме време многу да разговараме за тоа. Целосно сме сконцентрирани на овие натпревари. Сѐ е подредено на тој настап. Овој турнир се игра во 24 часа, и мислам дека нема фаворити. Досега победуваа на Ф4 некои екипи што не беа фаворити, како Фленсбург и Хамбург, и затоа мислам дека сите екипи одат во Келн со исти шанси, вели Штербик.
Вардар одигра три натпревари од домашното првенство и Куп за три дена неодамна. Ни одговара ли тоа што за 24 часа ќе играм,е два силни и неизвесни мечеви? „Ние сме млада екипа и би требало да можеме тоа да го издржиме. Обично тие што играат втор меч во полуфиналето имаат мали шанси да победат. Во минатото најголем дел победувале екипи што победувале на првиот меч. Ние сме млада екипа што може да победи за 24 часа.
Сепак Келн е ново искуство за сите. Што е поразлично од другите важни натпревари? „Мораме да ја здржиме концентрацијата. Има таму милион работи покрај натпреварите, од новинари, до различни приеми и прослави, и многу луѓе што не си ги видел со години тие се таму. Сепак треба да знаеме зашто одиме во Келн, и да мислиме во тој правец, а да не ни оди вниманието на друга страна.
Барселона е комплетна екипа, сезонава покажа многу. Кој е рецептот да се победи овој тим, со оглед на тоа што досега Вардар не успеал да триумфира во меѓусебните дуели? „Па ако јас одбранам 20, и секој погоди по три сигурно ќе добиеме. Оваа Барселона не таа во која бев јас. Има доста нови играчи и сѐ. Барселона покажа најдобра форма преку цела сезона. Загубија многу малку натпревари, и затоа се фаворити.
Сега се прави анализа на противникот. На што повеќе ќе се внимава, на бековите или пикерите. „Барселона е добра екипа, имаат и пивотмени и крила, и шут од надвор. Барселона е Барселона. Тие се главни фаворити за ЛШ. Ние треба да одиме таму и да дадеме сѐ од себе. Не победуваат секогаш фаворитите. Треба да ја бараме ние нашата шанса. Да искористиме некои моменти на натпреварот, д а направиме некоја разлика или да се бориме до самиот крај.
Вардар заминува за Келн во четврток попладне, а првиот полуфинален натпевар се игра во сабота од 18 часот.