Под мотото „Создаваме на светов убавина“, од трети до 13 јуни ќе се одржува четвртиот Меѓународен театарски фестивал „МНТ Фест“ во организација на Македонскиот народен театар. Фестивалот ќе биде отворен в сабота со премиерата на претставата „Ничија земја“ во адаптација и режија на Александар Морфов.

Директорот на МНТ Дејан Пројковски на денешната прес-конференција информира дека на 5. и 6 јуни гостува претставата „Магбет“ од Пекинг, Кина. На 8 јуни гостува Народниот театарот „Иван Вазов“ со „Дон Жуан“, а на 13 јуни Народно позориште од Белград со „Иванов“ во главна улога со нашиот актер Никола Ристановски.

Тој најави дека в недела ќе има МНТ фест за деца, кога ќе има две претстави за деца „Силјан штркот“ и „Аладин“. Идејата, како што рече, е натаму да има интернационална детска програма.

– На 3 јуни во 19:30 часот, пред премиерата, ќе биде отворена изложба на Драган Гајиќ, кој е еден од фотографите кој се занимава со театарска фотографија и преку фотографија го бележи и го меморира она театарско време што го живееме, рече Пројковски.

Во рамки на фестивалот ќе има две работилници. Првата, како што рече, е ликовна колонија каде десетина млади сликари ќе работат портрети на наши актери, а втората работилница е за театарска фотографија. Млади фотографи ќе ги фотографираат претставите кои доаѓаат, а потоа ќе има изложба.

Претставата „Ничија земја“ е по сценарио на Данис Тановиќ и Александар Морфов. Во неа играат Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Камка Тоциновски, Марија Кондовска…

Сценографи се Никола Тороманов и Валентин Светозарев, кој е и костимограф. Изборот на музиката е на Александар Морфов.

– Се работи за нова сценска адаптација. Ова е втора соработка на МНТ со Александар Морфов. Лани имавме премиера на „Животот е прекрасен“, која во моментов е хит претстава и број 1 во МН, која станува наш голем фаворит за гостувања во странство, рече Пројковски.

Според него, „Ничија земја“ е една од најважните работи кои ги создал МНТ во последните децении и која ќе ве насмее и растажи до солзи.

Актерите Сашко Коцев, Никола Ацески, Гораст Цветковски и Славиша Кајевски констатираа дека имаат одлична претстава и ги повикаа посетителите да ја погледнат.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2017 13:48