Првите чекори кои ги најавува идната Влада не се проекти или решенија со кои би се подобрил квалитетот на веќе отпочнатите процеси, туку блокади и укинување.

Класична деструкција на штета на граѓаните!

Екстерното тестирање е тестирање на реалното знаење кое се применува во сите европски земји. Укинувањето што СДС го предлага е само популистичко додворување на дел од родителите и учениците и нивна злоупотреба заради политички поени. Со ова укинување СДС само ќе им направи контра услуга на среден и долг рок, бидејќи го враќа повторно на мала врата образовниот процес од времето на транзицијата кога оценките не беа одраз на знаење, туку резултат на притисоци врз наставниците, влијанија од страна на родителите и спуштање на критериумите кои потоа ќе се одразат на пазарот на трудот.

Оваа популистичка антиреформа на СДС ќе предизвика криза на вистинските вредности. Децата ќе бидат изедначени по оценки и нема да се вреднуваат трудот и квалитетот. СДС наместо да нуди конкретни мерки за подобрување на квалитетот на образованието, прави чекори од кои потоа во иднина ненадоместлива штета ќе трпат пред се децата и нивните родителите. Децата ќе станат неконкурентни на меѓународните пазари на труд каде се бара вистинско знаење.

Да имаше трошка визија и капацитет во СДС, тие ќе предложеа мерки за подобрување на квалитетот на екстерното, а немаше да брзаат да го укинат.

Да имаше трошка визија и капацитет во СДС немаше на ваков начин да се обидат да го туркаат укинувањето на екстерното тестирање.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека во моментов приоритетно прашање е да се продолжат мандатите на советите и градоначалниците, бидејќи преку блокада на локалната самоуправа се доведува во прашање и функционирањето на образовниот процес. Тоа може да се стори преку прифаќање на измените во Законот за избори. СДС вчера се исплаши и одби во итна процедура да се изгласа новиот датум за одржување на локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ бара СДС да почне да се однесува конструктивно. Да собере храброст и да прифати дека мора да излезе на избори и да се соочи со граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2017 15:29