Алжирскиот фудбалер Ријад Марез го известил Лестер дека сака да го напушти клубот во летниот преоден рок.

Тој во соопштението навел дека минатото лето се согласил да остане за да му помогне на клубот во транзиција по освојувањето на Премиер лигата, но и во Лигата на шампионите.

„Јас сум многу амбициозен и чувствувам дека е време за нови предизвици. Сакам да бидам целосно искрен кон навивачите и кон клубот. Го известив клубот дека е време да тргнам понатаму“, изјави Алжирецот.

Марез во Лестер стигна во 2014 година од францускиот Авр, а тогашниот англиски второлигаш го платил само 500.000 евра. „Во Лестер поминав три прекрасни години. Горд сум на сè што постигнавме, посебно минатата година, кога ја освоивме Премиер лигата“, додаде Марез.

Според наводите на британските медиуми, Лестер за услугите на Марез би можело да бара 40 милиони евра.

За него, наводно, се заинтересирани Арсенал и Барселона.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2017 15:38