Шеесетгодишниот Љ.С. од селото Каласлари, Велешко пукал во поранешниот министер и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму информираат дека осомничениот истрелал меѓу два и пет куршуми од пиштол кон Тодоров. Во инцидентот, според МВР, нема повредени. Напаѓачот е веднаш уапсен и однесен во полициска станица, каде во тек е истрагата за случајот.
Дел од медиумите, повикувајќи се на првични и неофицијални информации од истрагата, објавија дека 60-годишниот Љ.С. е дедо на деветгодишната Тамара Димовска, која имаше искривување на ’рбетот и почина во февруари 2015 година, чекајќи од Фондот за здравствено осигурување средства за операција во странство. Од МВР засега не ги потврдуваат овие информации.
Неофицијално, напаѓачот пукал во Тодоров додека тој влегувал во зградата на Министерството за здравство, каде во 12.30 часот денеска требаше да се биде извршено примопредавање на функцијата помеѓу Тодоров и новиот министер за здравство, Арбен Таравари.