Денес во Македонија се случи обид за атентат врз Никола Тодоров кој до пред неколку часа беше заменик на претседателот на Владата и министер за здравство, кој истовремено е член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, носител на изборната единица број два и истовремено шеф на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Обидот за убиство беше недвосмислен, свиреп и со умисла. Пукано е од непосредна близина во главата на Никола Тодоров. Присебноста и брзата реакција во дел од секундата го спасија Тодоров од првиот испукан куршум, а реакцијата на полицијата од вториот испукан куршум.
Тие делови од секундата одлучија Тодоров да е жив, а неговите две деца да не се веќе сираци.
Овој обид за убиство не дојде ниту случајно ниту без подготовка на атмосфера за тоа.
СДСМ, Зоран Заев, куп НВО финасирани од Соросовите инсталации, шарената платеничка револуција цели три години градат атмосфера за ова денес да се случи. И се со единствена цел, СДСМ да дојде на власт, Зоран Заев да стане премиер, ВМРО-ДПМНЕ да се испрати во опозиција и по можност да се уништи.
Врз Тодоров и врз сите нас три години се фрлаат етикети, лажни обвинувања, се манипулира со се што работевме, со лажни информаци се создаваше хистерија, и се користеа сите методи за наше оцрнување и прикажување во најцрно светло.
Денешниот обид за убиство не беше случаен. Бил подготвуван, денес било трагано по него со одење во неговиот дом, и веќе е јасно дека е политички поттикнато со градење атмосфера против Тодоров.
Од 2014-та година сите тие, СДСМ, Зоран Заев, НВО, платените т.н. револуции, дел од новинарската фела и многу други нивни подржувачи, Никола Тодоров кој чесно и одговорно си ја извршуваше својата функција, го нарекуваа „министер за смрт“.
За да дојдат на власт, за да го убедат народот нас да не мрази, а нив да ги изгласа, поигрувајќи си, и злоупотребувајќи ги чуствата и емоциите на народот, и особено на блиски на пациенти кои починале или се во одредена тешкотија, оваа платеничка и злосторничка група, алчна за власт непрекидно и континуирано, со лаги и манипулации градеа атмосфера која денес резултираше со обид за атентат на Никола Тодоров.
И ова не е прв случај. Пред околу две недели, ден по незаконското гласање на Талат Џафери, во домот на родителите на Антонијо Милошоски, беше пронајдена бомба, која за среќа не експлодирала како што некој тоа го планирал. Ако експлодирала ќе имаше жртви, а во прв ред тоа ќе беа или пратеникот и член на Извршниот Комитет, Антонијо Милошоски и поранешен министер за надворешни работи или неговите родители.
Денес, ден по изборот на Зоран Заев за премиер, имаме обид за убиство врз Никола Тодоров.
Пред неколку дена со влез во зградата каде живее Гордана Јанкуловска, непознати лица влегле и го демолирале нејзиниот автомобил, очигледно како порака од некого.
Вакво однесување СДСМ имаа и кога дојдоа на власт во 2002-рата, кога вечерта по објавување на резултатите, во возилото во кое се движев беше испукан куршум, кој за среќа не ме погоди.
Сторителот не се најде тогаш. Сторителот не е најден ни во случајот со поставената бомба во дворот на родителите на Антонијо Милошоски. За среќа, денешниот сторител е совладан од полицијата на лице место. Доколку не беше совладан тука, доколку случајно не се најде полиција да го совладаат и доколку избегаше, можеби и него немаше да можат да го најдат.
Се прашувам, дали за ова се бореа сите подржувачи на СДСМ, и оние однатре и оние однадвор.
Дали ова е животот кога денес требаше да дојде во Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ е под напад. ВМРО-ДПМНЕ е под оган. Од сите страни и со сите средства. Ова е хајка и поттикнување одмазднички акции.
Очигледно вака ја замислува демократијата СДСМ. Ова е срам за државата, срам за демократијата и за ова како поттикнувачи своја вина носат сите оние кои ја потпалуваа атмосферата и народот исто така беше потпалуван од нив цели три години, со цел да дојдат на власт, бидејќи поинаку, со идеи, со работа, со резултати неможеа да дојдат на власт.
Три години секој ден по улиците го слушаме зборот „револуција“. Независно дали е во контекст на т.н. шарена револуција или во било кој друг контекст. Нормална последица на подгревањето атмосфера за револуција е да заврши со убиство, односно обид за убиство, каков што имаше денес врз Никола Тодоров, или пред две недели врз Антонијо Милошоски.
Напоменувам дека повеќемина од раковоството на ВМРО-ДПМНЕ се под закана во ваквата креирана атмосфера. Јас лично и моето семејство подолг период сме под јавна закана од повеќе страни, тргнувајќи од соопштенијата на ОНА, па преку разни криминални и политичко новинарски структури кои објавуваат статии како го замислувале моето убиство и погреб.
Инспиратор, мотиватор, подготвувач на оваа атмосфера е тој кој три години во немоќ по нормален пат да дојде на власт ја гради. За тоа ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност. Одговорност и од сторителот, но и од поттикнувачите. Ова дело може да се повтори, може да се повтори на било кој друг и било кога.
Денешниот случај е само кулуминација на се она што се гради како атмосфера подолг период во Македонија.
Овој случај, овој подмолен чин, нема да не заплаши ниту ќе не премисли во нашето делување. Ние ќе продолжиме да бидеме на страната на вистината, на страната на правдата, на страната на државните и на страната на националните интереси на Република Македонија.