За последните четири сезони во лигата на шампионите Вардар го направи она што досега не му успеало на ниту еден друг машки тим во Македонија. По трите пласмани во четврт-финалето сега е направен посакуваниот и очекуван чекор напред, влезот на Ф4 турнирот. А тука сѐ е можно, и Вардар во Келн пристигна со единствена цел - да нaпише нова клупска историја.
Вардар е единствен тим во историјата каде и машката и женска екипа играле на Ф4 турнирите. Жените трипати беа бронзени, а годинава играа и во финалето. Двајца играчи од сегашниот состав на Вардар веќе го имаат освојувано трофејот во лигата на шампионите, Арпад Штербик трипати, и еднаш Иван Чупиќ.
За Вардар ова е 11. сезона во ЛШ, и убедливо сме најуспешната македонска екипа што досега учествувала во лигата на шампионите. Сезоната 2016/2017 досега е најуспешната за клубот, со 12 победи на 16 натпревари и освоени 24 бода. Вкупно во ЛШ имаме одиграно 102 натпревари.
Имаме серија од шест победи по ред во ЛШ, што исто така е клупски успех.
Полуфиналниот натпревар со Барселона е закажан за в сабота во 18 часот.