Прво беше избран за најдобар млад играч во лигата на шампионите во сезоната 2014/2015, повеќепати беше дел од идеалниот тим на колото во ЛШ, а сега дојде и уште поголемо признание - дел од најдобрата постава на сезоната.

Алекс Душебаев е препознатлив дел од играта на Вардар, шило во нападот на тимот од кого и најдобрите голмани треперат. Сезонава во изборот на ЕХФ за најдобрата постава победи и многу поискусни играчи од себе.

Млад, но искусен да може да се носи со признанието и предизвикот што е пред него. Келн и играњето на Ф4 е исполнување на сонот на секој ракометар.

„Конечно сме тука, работевме напорно. Дојдовме до завршницата, и тука треба да го покажеме најдоброто од Вардар. Барселона е искусен тим, и знаат како е да се игра на Ф4 во Келн, и го имаат освоено и трофејот. Ние сме максимално мотивирани за успех, и ќе треба да дадеме 120% од своите можности за да ја совладаме Барселона. Мислам дека одбраната ќе решава, тие имаат еден од најдобрите светски голмани, Гонзало, а нападот мора да биде на високо ниво ако сакаме да постигнуваме лесни голови. Гладни сме за титула и ќе дадеме сѐ од себе“, вели Душебаев.

Во тимот има искусни играчи што веќе играле на Ф4, а тие ја пренесуваат атмосферата на соиграчите.

„Се зборува многу како е, но кога судијата ќе го означи почетокот на натпреварот, тогаш се заборава на сѐ и се концентрираш само на играта и противникот. Така ќе биде и сега“, вели Душебаев.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2017 15:47