Вардар има шанса да ја заврши најуспешната сезона во клупската историја со триумф на вечерашниот финален натпревар од лигата на шампионите против ПСЖ (18 часот, МТВ пренос).

Црвено-црните пишуваат нова клупска историја, нови рекорди, поставуваат нови граници што во иднина треба да се надминуваат. Само небото е лимит за оваа екипа на Вардар која докажа дека е подготвена и способна за високи дострели.

Пред денешниот прв финален натпревар за Вардар во лигата на шампионите, некои интересни факти за нашиот клуб.

* Вардар е прва македонска машка екипа што игра во финале на лига на шампионите.

* Вардар ја има најуспешната сезона во клупската историја, по освојување на купот на Македонија, СЕХА регионалната лига, и домашното првенство.

* Вардар е трета екипа од просторите на бивша СФРЈ што стигнува до финале на ЛШ, по Загреб и Целје.

* Откако се игра новиот формат на Ф4 во ЛШ, Вардар е трет тим што не доаѓа од Шпанија или Германија, а ќе игра во финале. Досега тоа го постигнале Кјелце и Веспрем.

* Вардар има шанса да стане тим од шеста различна земја што станал европски првак. Досега во 23 финалиња на ЕХФ лигата на шампионите дури 20 европски прваци доаѓаат од Шпанија или Германија, а само по еден од Словенија, Франција и Полска.

* Победникот на финалето ќе биде 13. различен клуб што триумфирал во ЛП и шесто различен за шест години.

* После девет порази од Барселона, Вардар победи и се пласираше во финалето на ЛШ.

* Вардар по петти пат во ЛШ има серија од четири победи по ред. Ова беше 103. меч во ЛШ и 44. победа.

* Арпад Штербик ќе игра по четврти пат во финале на ЛШ, и тоа со четврти различен клуб (Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и Вардар)

* Вардар е првиот клуб што има тим во финале на Ф4 турнирот во лигата на шампионите во машка и во женска конкуренција, и тоа дури и во иста сезона.

* Иван Чупиќ има шанса да ја одбрани титулата во ЛШ, по ланскиот триумф.

* Вардар и ПСЖ досега одиграле два меѓусебни натпревари во ЛШ, во сезоната 2013/2014. Во Скопје беше нерешено, 24-24, а во Париз загубивме со 25-35.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2017 13:47