Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, попладнево присуствува на конференција во Европскиот парламент посветен на Западен Балкан, а претходно во седиштето на Европската народна партија (ЕПП) одржа средба со првиот човек на најголемата европска политичка партија Жозеф Дол.
Во изјава по средбата, Груевски, кој е придружуван од Никола Попоски и Александар Николоски, истакна дека со Дол разговарале за случувањата во македонската држава и начинот како да се забрза приемот на земјата во Европската унија и НАТО.
Денеска започнавме со работен ручек организиран во Европарламентот од страна на Европската народна партија на кој присуствуваат поголем број на високи претставници на ЕПП. Потоа имав средба со Жозеф Дол на која практично се обидов да му ја пренесам состојбата во Македонија од март, кога последен пат се видовме со него на Малта, односно се што досега се случуваше и она што се очекува. Во разговорот со него ги реафирмирав нашите позиции за членство во НАТО и во Европската унија и да му укажам на тоа дека Македонија премногу чека и дека тоа не е добро ниту за државата, ниту за регионот, истакна Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вели дека во разговорот со претседателот на ЕПП, партија која ги дава и челниците на Европската унија, Жан-Клод ЈУнкер и Доналд Туск, поучствувал дека и во самата Европска унија постои чувство на вина за македонскиот застој во евро-атлантските интеграции.
Имам чувство од разговорот дека и тука во Брисел постои едно чувство дека и тие имаат дел од вината за се она што се случуваше во смисла дека предолго ја оставија Макевонија да чека и предолго не го одобриле тоа што земјата го заслужи. Се разбира, тоа е да ги започне и заврши преговорите за полноправно членство во Европската унија и да стане членка на НАТО, додава Груевски.
Според претседателот на најголемата макеоднска политичка партија, тој на Жозеф Дол му укажал на сите значајни моменти во Македонија и укажал дека треба да се размисли за што побрзо поканување на Македонија да ги отпочне пристапните преговори.
Со ЕПП имаме чести контакти, имаме размена на информации и ова беше една од тие. Истовремено и да се разменат информации и да се искористи можноста за лобирање за Македонија да оди напред, завршува Груевски.
Во рамки на во дводневна работна посета на Брисел, во текот на утрешниот ден Никола Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, имаат набиена агенда на билатерални средби со голем број на европратеници, а предвидено е и да се сретнат со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан. Тема на разговорите е состојбата во Македонија и евроатлантските аспирации на земјата, односно како најбројната партија во Европарламентот може да и помогне на македонската држава за да напредува во овој процес.