Интегрален текст од прес конференција, Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
„Зошто не за влез во НАТО? Првин затоа што не не' сакаат. Второ, економскиот проблем, Македонија е премала да трпи оптоварувања што се наметнува со акции за нашето приближување во НАТО. И трето, ако НАТО нам ни е потребен како гарант за безбедноста, не дај боже НАТО пак да ни гарантира бидејќи парите и љубовта го вртат светот, но НАТО бомбардира.“
Ова се зборови, цитат од новиот „реформски генерален секретар“ на владата предводена од Зоран Заев. Ова се ставовите на Драги Рашковски напишани во книга објавена од Правниот факултет во врска со НАТО алијансата чии што членови оваа влада тврди дека Македонија сака да стане.
Владата на Република Македонија не смее да функционира според овие ставови на генералениот секретар како висок функционер на владата. Бидејќи ваквите анти-НАТО ставови на господинот Рашковски се штетни за евро-атлантските интеграции и иднината на Република Македонија и за нејзиниот имиџ.
Генералниот секретар Драги Рашковски во владата ќе работи со министерот Садула Дураку, министерката Радмила Шекеринска и министерот Хазби Лика, а во однос на нивната улога и улогата на НАТО во 2001 година генералниот секретар на Заев во споменатата книга објавил говори:
„За терористите имаа и храна и облека. Под тезга им даваа оружје. Граѓаните на Куманово немаа вода за пиење за што не можеа да преговараат. Колебајќи се како да ги крстат на крајот решија терористите да ги викаат борци за човекови права“. Затворен цитат од новиот реформски секретар на владата на господинот Заев.
Толку од принципиелноста и од реформските капацитети на новиот генерален секретар и близок пријател на господинот Заев, господинот Рашковски кој што треба да биде според функцијата генерален секретар, мотор и двигател на новите законски решенија кој што се најавуваат, а со самото тоа ќе бидат и чекори во следниот евро-интеграциски процес.
ВМРО-ДПМНЕ ги цени за несоодветни, за контраверзни и за осуда ваквите ставови на генералниот секретар Рашковски, пријателот на Зоран Заев. Влезот во ЕУ и во НАТО треба да останат приоритет на Република Македонија но и на сите нејзини високо рангирани функционери, посебно на генералниот секретар на владата на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ го реафирмира барањето до членките на НАТО и на ЕУ да се започнат што поскоро заслужените преговори за членство во ЕУ за што се доби целосната препорака во 2009 година и да се добие поканата за членство во НАТО која што Македонија ја заслужи уште во 2008-тата година, а доби потврда за истото и од меѓународниот суд на правдата во Хаг. Истовремено, напоменуваме дека единствената пречка до сега беше проблемот кој што Јужниот сосед го има со уставното име на Република Македонија.
Но не сакаме понатаму ваквите ставови на генералниот секретар на владата на СДСМ кој НАТО ги нарекува терористи и организација која што бомбардирала цивили да бидат проблем за имиџот на целата држава.
Новата Влада треба да се огради од ставовите на Рашковски како генерален секретар на владата на СДСМ. И треба да го ограничи неговото анти НАТО делување, барем да нема влијание во оние проекти и закони кои што ќе бидат важен дел од евро-атлантскиот интегративен процес.
Господинот Рашковски нема ниту реформски, но за жал ниту демократски капацитет. Во последниот свој телевизиски настап новиот генерален секретар на владата Рашковски јавно ги навредуваше граѓаните на „Топ Тема“ изјавувајќи дека „На народот му треба добар ќотек, некој да го ишамара за да се свести каде е“.
Ваков човек ваква личност, политичар или професор, а сега и генерален секретар на владата навистина треба да се запрашаме дали има човечки, политички и демократски капацитет за таква висока позиција во владата на Заев.
На вакви луѓе не им е место во македонската влада и во најмала рака тоа што може да го направат е да се извинат кон народот и да се оградат од неговите ставови кои што промислено ги дал.
Исто така сметаме дека во новата влада не би требало да има ниту место за луѓе кои што тврдеа дека ќе се лее крв по улиците за да падне режимот како што го тврдеше тоа господинот Едмонд Адеми и го изјави во свој фејсбук статус, а денес за жал е министер во владата на Заев одговорен за македонската дијаспора.
И затоа сметаме дека овие луѓе кои што имале ставови против НАТО, кои што имале ставови против граѓаните и кои што барале нивно шамарање или воспитување или кои што имале ставови дека треба некаков конфликт и крв по улиците да биде цената за доаѓање на власт, не би требало да се дел од ниедна Влада и од ниедна институција во Република Македонија.
Господинот Рашковски како докажан противник на НАТО сметаме дека треба да биде изолиран од процесите кои што ќе се однесуваат на евро-атласките интеграции на Република Македонија.
А она што ние го оценуваме како политичка партија дека ваквите личности на високи владини позиции кои што имаат сомнителен кадровски,човечки, демократски и кариерен капацитет нема да донесат ништо добро во своето дејствување ниту во институциите ниту за граѓаните. И затоа сметаме дека таквата казна и оценка ќе дојде токму од граѓаните и народот на следните избори.