ВМРО-ДПМНЕ е демократска и модерна партија која им дава подеднаква можност на сите нејзини членови да дејствуваат во рамките на статутот на организацијата и да учествуваат активно во креирањето политики.



Лага во функција на туѓ интерес е дека статутот на ВМРО-ДПМНЕ е недемократски. Статутот на ВМРО-ДПМНЕ е истиот според кој самопрогласените реформатори биле бирани во минатото на позиции во комисии и општински штабови во партијата, а некои од нив истите ги извршуваат до ден денес. 



Причините за незадоволството на оваа мала група се чисто лукративни, а не демократски. Затоа, повикот за „реформи“ не дојде ни после победите во 2006, 2008, 2011 или 2014 година, туку токму сега кога дел од нив се соочуваат со веројатна промена од работните позиции на кои се наоѓаат и прекин на месечниот паушал кој го примаат, поради промената на власта во Македонија. 



Тоа значи дека како и во минатото, така и денес има луѓе кои од лукративни причини измислуваат т.н. демократски повод чија причина е да создадат раздор во партијата и да одработуваат за туѓи интереси.



Колку е апсурдно барањето за реформи, говори и фактот што неколкумината незадоволни потврдуваат дека политиките на актуелното раководство доведоа до тоа партијата 11 години по ред да ја добива поддршката од народот на избори и како што и самите велат, во моментов да биде најмоќната партија. Тоа што им пречи на неколкумината незадоволни е фактот дека ВМРО-ДПМНЕ следејќи ги принципиелните политики и волјата на гласачите се одлучи да не влегува во непринципиелни коалиции за формирање на Влада во кои би се правеле договори на штета на иднината на Република Македонија. Алчноста за функции на поединци не може да премине преку оваа вистина.



Вакви луѓе немаат ниту кредибилитет, ниту капацитет да бидат реформатори.



Неколку функционери незадоволни од својата кариера во партијата со слаби резултати може да предлагаат и повикуваат на реформи, но тоа се прави во процедура која им е добро позната, со обраќање до соодветните партиски тела кои секогаш сослушувале било какви иницијативи и предлози. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема пораз на последните 10 изборни циклуси по ред.
Прескокнувањето на сите партиски процедури и јавното навредување и квалификување на ВМРО-ДПМНЕ како недемократска партија е повреда на угледот и честа на партијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2017 14:46